| четврток, 6 декември 2018 |

Аксел: СДСМ да ги прифати мандатите

SDSM 18ti kongres 07 (Custom)

Честитки за победата на ВМРО-ДПМНЕ предводена од премиерот Никола Груевски на парламентарните избори и за реизборот на претседателот Ѓорге Иванов, како и порака до опозициската СДСМ да ја преиспита својата одлука и да ги прифати мандатите во македонскиот Парламент, со цел да не и наштети на иднината на Македонија, упати денеска Аксел Фишер, шеф на Германската делегација и потпретседател на Парламентарното Собрание на Советот на Европа, член на раководството на ЦДУ и пратеник во Германскиот Бундестаг од 1998 година.

– Не можам да ја поддржам одлуката на лидерството на СДСМ да не ги прифати мандатите во македонскиот Парламент. Улогата и местото на сите партии кои добиле поддршка е во Парламентот, како најдобар форум да ги изложат своите идеи и концепти  и да работат за граѓаните кои што ги претставуваат. Опозицијата мора да биде конструктивна и да биде коректор на Владата, бидејќи системот на баланс и контрола е многу важен.  Барам од раководството на СДСМ да ја преиспита својата одлука и да ги прифати мандатите. Граѓаните кои ги избрале сакаат нивните претставници да работат и да ги претставуваат, а не да бојкотираат. Македонија се движи кон подобра иднина и постапките на социјалдемократите можат да и направат проблем, истакна Аксел во изјава за МИА.

Притоа, тој изрази уверување дека и социјалдемократите исто така сакаат земјата да оди напред и оти не се согласуваат со оваа, како што истакна, штетна одлука на раководството на СДСМ.

Аксел во изјавата упати честитки за добро организираните избори, како што рече, имајќи ги предвид извештаите на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и Парламентарното собрание на Советот на Европа.

– Изборите беа оценети како професионални и добро организирани, демократски и фер, судејќи според изјавите на набљудувачите. На овие избори граѓаните можеа слободно да ја изразат својата волја и да го направат својот избор, потенцира Аксел.

На Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Никола Груевски тој и посака да продолжи со реформите за, како што истакна, да обезбеди подобар живот за сите граѓани и евроатланска интеграција на Македонија. Изрази надеж дека претседателот Ѓорге Иванов ќе продолжи со својата политика за интеграција на сите групи во општеството и ќе ја води Македонија кон подобра иднина.

– Задоволен сум што се спроведуваат политики на економски реформи, како и реформи во здравствениот систем, образованието, социјалната заштита и администрацијата. Ја охрабрувам Владата да продолжи на овој пат на реформи. Исто така, ја поддржувам интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО. Македонија и Германија имаат пријателски односи и Германија ќе продолжи со поддршката и за Македонија и за целиот балкански регион, истакна Аксел.

На македонските граѓани, пак, им посака добра Влада, Парламент и Претседател кои ќе ја водат нацијата.

Победата на ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, сестринска партија од семејството на европски народни партии, според Аксел е одличен сигнал за цела Југоисточна Европа дека десничарските партии ја имаат поддршката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top