Во источноукраинските региони Доњецк и Славјанск утрово почна гласањето на референдумите за „самоопределување“ што ги организираат локалните проруски сепаратисти. Гласањето почна во осум часот по локално време (седум часот по средноевропско време) и ќе трае до вечерва во 22 часот. Референдумите се спроведуваат во 52 населени места во двата региони.
Според најавите на организаторите, по завршувањето на гласањето гласачките ливчиња ќе бидат пренесени во регионалните центри каде ќе биде извршено пребројувањето. Право на глас имаат околу седум милиони локални жители.
На референдумот во регионот на Доњецк граѓаните треба да се изјаснат дали „поддржуваат самоуправа на Доњецката Народна Република“, додека во Луганск референдумското прашање гласи: „дали го поддржувате актот за самостојност на Луганската Народна Република“.
Претседателот на „Централната изборна комисија“ на самопрогласената „Доњецка Народна Република“, Роман Љагин вчера изјави дека референдумот во Доњецк е за „самоопределување“, а не за „сувереност“.
– Можеби следен чекор би бил уште еден референдум на кој ќе прашаме дали луѓето сакаат да се присоединат кон Русија, сакаат да останат во составот на Украина или сакаат самостојна држава, нагласи Љагин.
Рускиот претседател Владимир Путин ги повика организаторите на референдумите да се откажат од нивното одржување, додека Украина, ЕУ и САД уште претходно референдумските изјаснувања ги прогласија за нелегитимни и најавија дека нема да ги признаат нивните резултати.
Во пресрет на денешното гласање, минатата ноќта во градот Слајанск во регионот Доњецк, како што јавија западните медиуми, се слушале „многубројни и силни детонации“.
Според истите извори, во Славјанск, кој важи за едно од најсилните упоришта на проруските сепаратисти, се слушале детонации од тешко оружје што траеле околу еден час, како и истрели од автоматско оружје.
Локални жители изјавиле дека синоќа престрелки имало и во предградието на Славјанск, Андреевка, каде и претходно имаше судири меѓу украинските безбедносни сили и припадниците на проруските сепаратистички „сили за самоодбрана“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.