| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија ќе стане членка на НАТО во септември?

mak-nato

Има сè повеќе позитивни сигнали дека Македонија во септември би можела да влезе во НАТО, а прашањето би се отворило на самитот, кој е планирано да се одржи во Велика Британија, пишува „Нетпрес“.

Во таа насока се и сѐ поинтензивните разговори за решавање на спорот за името меѓу посредникот на ООН, Метју Нимиц, и претставниците на Македонија и на Грција, Зоран Јолевски и Адамантиос Василакис.

Нимиц ги интензивираше разговорите во Њујорк во пресрет на самитот на НАТО во Британија, кој е предвиден за во септември и покрај одржувањето на изборите и во двете земји.

Пред денешната средба, тој свика средба во Њујорк на 26 март годинава, пред македонските претседателски и парламентарни избори, а денешната рунда доаѓа пред грчките избори за Европскиот парламент и локалните избори, кои се закажани за 25 мај годинава.

Кризата во Украина, веројатно, уште повеќе влијаеше врз прашањето за проширувањето на НАТО да се врати на агенда, а конечната одлука се очекува да биде финализирана во јуни.

Шефовите на дипломатиите на Македонија, Бугарија, Албанија и на Црна Гора на конференцијата „Европа цела и слободна“ – што ја организираше американскиот Атлански совет во Вашингтон, укажаа на тоа дека кризата во Украина е опомена дека треба стратешки да се размислува, да се дејствува превентивно за пресретнување на можните кризни ситуации.

Затоа, НАТО треба да ги отвори вратите за прием на земјите-кандидати од Балканот на самитот во Велс бидејќи членството во алијансата останува клучна стратегиска одредница за Балканот.

Министерот за надворешни работи, Никола Поповски, на овој самит истакна дека приемот на Македонија зависи само од политичката волја на земјите-членки и побара на самитот во Велс алијансата да ја исправи грешката кон Македонија. На конференцијата говореше и државниот секретар на САД, Џон Кери, но не предочи дали самитот во Велс во септември ќе опфати и проширување.

Непосредно пред одржувањето на овој самит, 40 американските конгресмени упатија писмо до него и бараа проширувањето на НАТО да биде приоритет за САД и за алијансата, а Кери официјално да го поддржи членството на Македонија и на Црна Гора уште на самитот во Велика Британија во септември оваа година.

„Веруваме дека САД треба да продолжат со блиското партнерство со земјите-аспиранти Грузија, Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, како и со останатите земји од Централна и Источна Европа што бараат поблиски односи со САД и со НАТО. Конкретно, ве повикуваме да го поддржите членството на Црна Гора и на Македонија на самитот оваа година, да поттикнете натамошен напредок во примената на Акциониот план за членство (МАП) на Босна и Херцеговина, како и да се заложите да се додели МАП на Грузија“, стои во писмото потпишано од конгресмени од обете главни политички партии во САД.

Конгресмените предупредуваат дека ситуацијата во Украина родила загриженост за назадување на демократијата и за можноста земјите од регионот да бидат под притисок на надворешни сили што се обидуваат да го поделат континентот и да ја поткопаат визијата за обединета, слободна Европа, што живее во мир.

Групата конгресмени заклучува дека САД и сојузниците досегнале критична точка при што е неопходна акција за да се обезбеди релевантноста и функционирањето на НАТО во иднина, за што на државниот секретар му ја нудат својата помош.

И поранешниот претседавач на Сенатската комисија за надворешни односи, Ричард Лугар, ги повика членките на НАТО да иж испратат покана за членство, соопшти Германскиот Маршалов фонд на САД.

„Македонија е пријател и партнер на САД и веќе дава свои сили што служат заедно со нашите. Дипломатското спорење, кое досега ја држеше Македонија надвор од НАТО, беше заморно уште во време на мир, но не треба да се толерира во ова време на криза“, рече Лугар, кој како сенатор беше главен архитект на конгресната поддршка за проширувањето на НАТО.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top