Германските судски власти одговориле позитивно на барањето на одбраната на Јохан Тарчуловски за негово предвремено ослободување. Сега е на ред судскиот совет на Судот за воени злосторства во поранешна Југославија, кој треба да каже дали, конечно, Тарчуловски во март ќе си го види семејството.
Германските затворски власти, решавајќи за Јохан, процениле дека врз основа на неговото досегашно поведение заслужува казната затвор, која формално истекува во 2017 година, да му биде преименувана во условна казна, што би значело дека Јохан наскоро ќе се врати дома.
По првите шест години од дванаесетгодишната казна, кои ги одлежа во затворот во Шевенинген од пред две години, Тарчуловски е штитеник на затворот во градот Диц во Германија.
Според роковите што велат дека по одлежување на две третини од казната Тарчуловски може да си оди дома, неговото враќање треба да се очекува кон средината на март.
Одлуката на судскиот совет на Хашкиот трибунал ќе биде најважна. Според неофицијални извори на „Република“, во судот не постојат сериозни правни или други пречки за судиите во трибуналот да спречат останатиот дел од казната, во висина од четири години, да ја служи на слобода како условно осуден.
Тарчуловски во текот на отслужување на казната во Шевенинген не направил ниту еден инцидент и целосно ги почитувал затворските правила. Тој е единствениот осуден од сите осомничени воени злосторници од Македонија, кои беа истражувани или судени во Хаг. Претходно судот го ослободи Љубе Бошковски, а во Македонија ги врати четирите хашки случаи.
Тарчуловски беше уапсен на 13 март, а на 16 март е префрлен во Хаг. Македонскиот бранител беше уапсен за евентуално убивање цивили во конфликтот во 2001 година, заедно со Љубе Бошковски, кој во тоа време беше министер. Тарчуловски ја вршеше функцијата инспектор за придружба во службата за обезбедување на претседателот Борис Трајковски.
Доколку трибуналот даде негативно мислење на одбраната на Тарчуловски, тоа ќе биде преседан во неговата работа затоа што на сите барања за условна казна на затвореници што одлежале две третини од казната било одговарано позитивно, по што биле ослободени.
Во најновото издание на неделникот „Република“, кое излегува од печат в петок, објавува разговор со неговото семејство, со сопругата Соња и со дечињата Мелани и Младен, кои се надеваат дека по осум години, конечно, ќе го видат дома својот сопруг и татко.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



