| четврток, 6 декември 2018 |

„Занесот и разбирањето“ – нова полемичка книга од Санде Стојчевски

Во рамките на едицијата „Истражувања“, издавачката куќа „Дијалог“ деновиве  објави нова полемичка книга од Санде Стојчевски под наслов „Занесот и разбирањето“. Во своето ново дело Стојчевски ја продолжува критичарско-полемичката активност со нови книжевни аргументи во врска со сопствените ставови и позиции за вистинската природа на уметничкото дело. Познатиот македонски поет и критичар тоа го прави со дополнителна енергија и книжевна информираност. Особено е забележлива стилската ведрина со која се изложуваат книжевните становишта, а тоа на неговите текстови им дава дополнителна привлечност.

Санде Стојчевски спаѓа меѓу ретките македонски поети што паралелно со пишувањето поезија континуирано се занимава со прашања поврзани со природата на уметничкото дело. Досега објавил повеќе есеистички книги со поетички интонирани есеи во кои со страст, но и аргументирано, ги изложува сопствените погледи за суштината на уметничкото дело, особено на лирската песна. Своите теориски убедувања Стојчевски, од самиот почеток на неговото влегување во современата македонска литература, ги образложува и ги брани со особена енергичност, што природно доведе и до негово учество во книжевната полемика, која особено се интензивира пред неколку години кога, реагирајќи на извесни становишта и позиции во актуелната македонска книжевна критика, тој ја објави полемичката книга „За восхитот и за пораката“, како и лично интонираната книга „Аполон и Меркур“. „Занесот и разбирањето“ ги донесува завршните размислувања, позиции и ставови со кои Санде Стојчевски ја поентира својата заложба за автономност на уметничкиот чин.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top