Проруските „сили на самоодбраната“ ги контролираат сите објекти во Славјанск, Краматорск и Грушковка, јави утринавава руската агенција ИТАР-ТАСС, повикувајќи се на изјава на претставникот на прес-службата на самопрогласената „Донецка Народна Република“, Александар Маљцев.
Претставникот на проруските активисти, информира дека на периферијата на Славјанск нема борби и дека изминатата ноќ минала мирно.
– Постоеше информација дека денеска може да има напад, но, за среќа, се мина добро – рече соговорникот на руската агенција, чиј известувач јавува дека во градот е мирно и дека не се слушаат истрели.
Според Маљцев, активистите во Красноармејска „ја ослободиле зградата на полицијата и покрај неа кренале камп со шатори“ во кои претставниците на т.н. „Донецка Народна Република“ го информираат локалното население за претстојниот референдум за статусот и за ситуацијата во Донецката област.
Зборувајќи за Константиновка, Маљцев изјави дека украинските војници, кои дошле со четири оклопни транспортери, вчера пукале врз контролен пункт и дека потоа е водена борба во реонот Червониј. Синоќа Маљцев изјави дека „цела Константиновка е во пламен“ и дека четири транспортери на украинската Национална гарда „веќе се движат кон Донецк“.
Претставникот на прес-службата на т.н. „Донецка Народна Република“, Виталиј Иванов изјави дека „привзраници на федерализацијата на Украина“ вчера ја зазеле зградата на Извршниот комитет на Ленинскиот реон на Донецк и дека кај неа на мирен начин „поставиле обезбедување и контролен пункт“.
Иванов изјави дека претставник на властите во разговор со демонстрантите кажал дека е подготвен на „конструктивен дијалог со претставниците на востанието“.
Исто така, се демантира тврдењето на киевските власти дека кај Донецк не работи ниту една фабрика.
ИТАР-ТАСС наведува дека вчера демонстрантите во Донецк го зазеле военото обвинителство, дека обвинителите избегале од зградата, но дека подоцна дежурниот обвинител се вратил и рекол дека е подготвен да „отвори постапка за злосторствата што ги извршиле војниците“.
Руските медиуми го пренесуваат и соопштението на регионалната полиција дека на зградата на градската полициска управа повторно се истакнатаи знамињата на Донецк и Донецката област, место претходно истакнатото знаме на т.н. „Донецка Народна Република“.
Заменик-лидерот на „народното востание во Донбас“, Сергеј Циплаков претходно за оваа руска агенција изјави дека „преземаат контролата врз цел Доњецк и сите административни згради“ и дека „сите преминуваат на страната на востаниците“, но дека се уште се можни провокации на војниците и припадниците на „Десниот сектор“.
Претходно, проруските активисти соопштија дека првиот човек на Донецк, Александар Лукјанченко, доброволно поднел оставка, но дополнително прес-службата на Градското собрание соопшти дека Лукјанченко и натаму е градоначалник.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.