
Колумнист:
д-р Бона Лазар Бајрактарова
Универзитетски професор
Изборната волја е императив што мора да го почитуваат сите. И оние однатре и оние (странските фактори) – однадвор. Народот го кажа своето, а сега е набљудувач на остварувањето на ветувањата дадени од победникот на изборите. Во случајот, и од владејачката партија и од претседателот. Изборната одлука во нивна корист (со силна поддршка на избирачите) беше донесена врз база на искуството на граѓаните од нивниот претходен мандат; врз база на покажаниот човечки, политички и општествен интегритет.
Победникот на парламентарните избори е еден (во сите држави). Од него се очекува да формира Влада која ќе работи исклучително во интерес на граѓаните и државата! Се разбира, коригирајќи ги грешките кои (самите) ги согледале, или реално посочени од граѓаните или од политичките опоненти, за време на претходниот мандат.
Победникот на овие двојни избори го има полниот легитимитет и истиот мора да биде почитуван. А, приказните на СДСМ се познати. Откако ќе загубат, а влегле во трка со виртуелно фундиран ентузијазам од погрешни анкетни резултати („Рејтинг“ на Ѓ.С и сл.) за можна победа, изборите секогаш ги означуваат како фалсификувани, недемократски… Така ќе ги нарекуваат сè додека тие не победат! Ама, такви какви што се, тешко дека тоа ќе се случи. Барем дотогаш, додека не извршат сопствена трансформација со вклучување нови, квалитетни кадри (политички чисти, со дигнитет – манир на ВМРО-ДПМНЕ).
Во спротивно – со кадри кои народот, од кого бараат власт, го нарекуваат стока за во комбиња или фургони (беше разочарувачки да се слушне тоа и слични работи за време на предизборните кампањи), не се добиваат државните позиции. Ниту првите две ниту останатите. А, така ќе биде сè додека интересите на државата и народот се нивен периферен интерес!
Не му е место во власта (во РМ) на тој што не знае да го процени значењето на македонскиот јазик и неговата императивна употреба во државата (Македонија) за меѓусебно разбирање на сите кои живеат во неа, заради вистински живот на едни со други, а не – едни покрај други. Проектот на Министерството за образование (во времето на Тодоров како министер), кој беше со таа благородна цел, а беше поддржан и од тогашниот претставник на ЕУ во Македонија, не го поддржаа со ниту еден збор – ниту СДСМ ниту другите актуелни опозициски партии. Исто беше и со антидржавната, антиекономска територијална организација на државата која ја креираа во 2004 година, против волјата на граѓаните, при тоа спречувајќи ги на референдум да го искажат своето мислење за тоа! Според нив, некои (важни) прашања не заслужувале одговор?! Тука е и нивната подготвеност за промена на уставното име на државата за влез во ЕУ/НАТО (тоа е условот со кој ни гарантираат однадвор брз влез во овие организации?), со погрешна теза дека немало да влијае на македонскиот идентитет, држава. Да не ги споменуваме сите општествено-политички гревови од нивното поранешно владеење – приватизација, разни татовци…
Затоа, почитуваните опозиционери нека не се чудат на одговорот кој им го испорачува народот повеќе пати по ред, на избори, на свој начин! Одговорот на граѓанинот на кој гледаат од високо, за кој сметаат дека е за еднократна, изборна употреба! Ќе треба да научат да го почитуваат и него и државата. Да заборават на негативната, недостоинствена реторика и слогани, да престанат сопствениот народ да го означуваат и поистоветуваат со етничка заедница – во сопствената држава. Ако не знаат како треба, нека погледнат во соседството.
Нека престанат со инфантилната постапка – за сè што не им се допаѓа да бараат помош од странските амбасадори во земјава или ЕУ зашто Македонија е суверена држава, чии просперитет никој нема право да го сопира. Најмалку – домашните, за да не биде онаа – каменот не доаѓа од далеку… Ако сакаат да дочекаат победа, пред да се самоизбришат од македонската политичка сцена.
И, уште нешто. Поразот не смее да се смета за крај на светот! Само треба да поттикне на преиспитување и работа. Позитивна реакција која се очекува и по пораз е – да се признае победата на победникот, и да му се честита! Тоа е недекларативен манир. Така е во демократските држави.
А, што се однесува до странците. Од нив народот очекува само честитки за демократските, достоинствено изведени (парламентарни и претседателски) избори, во ред, мир, онака како што ѝ доликува на една демократска држава (иако, се разбира, имаме уште многу да работиме и на ова поле). А, за домашните оспорувачи – она што тие недостојно го нарекоа „парче хартија”, тежи повеќе од 500.000 гласови на граѓаните дадени за претседателот Иванов! И партиски определени, и неопределени!
За крај. Честитки до претседателот Иванов, до премиерот Груевски (и неговиот тим), со порака – продолжете со досегашното темпо и посветеност.
А, Македонија? Македонија оди понатаму, по својата – веќе трасирана патека!
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


