
Македонката Милица Петрова (25) во Мумбаи, Индија на самит за образование ја претставуваше Македонија и говореше за моќта на образованието, каде што го претстави и својот проект „Моќта на образованието да ја победи светската сиромаштија“ кој беше прогласен за најдобар на светски конгрес во Африка. Потоа го презентираше и во Лагос, Африка. На самитот во Индија присустуваа светски лидери, дипломати и амбасадори. На тој начин тие беа запознаени со образовниот систем во Македонија и, воопшто, со нашата земја.

– Бев поканета да ја претставувам нашата држава односно мојата идеја за моќта на образованието со кој проект учествував на овој самит. Преку овој мој личен проект сакав да го запознаам светот со системот на образованието во нашата земја. На самитот присуствуваа успешни луѓе кои што имаат врвни достигнувања во областите од технологијата, бизнисот, образованието, економијата како на пример Џo Фелан, директор на компанија за развој на светски бизнис, директори и претставници на „Мајкрософт“. Секој од овие личности со воодушевување и најпријателски однос ме примија, го проследија и го поздравија мојот проект и моето презентирање. Откако беа запознати со системот на образованието во нашата земја и општо со животот во нашата земја тие покажаа голема заинтересираност за инвестирање во повеќе области кај нас – вели Петрова.

Петрова не е вообичаена млада Македонка, која по дипломирањето чека или бара работа. Таа животот не го замислила во вообичаени рамки – училиште, студирање, вработување… Додека студирала ја интересирале многу работи, а ако пред неколку години сте ја прашале дали може да се замисли како држи говор на светски самит пред државници, амбасадори, јавни личности, сигурно тоа не го помислувала ни во најлудиот сон. Во моментов е на постдипломски студии на Факултетот за детективи и за безбедност при Универзитетот ФОН во Скопје, чијшто стипендист е. Инаку е дипломирана професорка по англиски и по француски јазик и книжевност, а како трет јазик го одбрала и албанскиот. И сето тоа само во последните неколку година. Автор е на една книга, а веќе ја пишува и втората.

– Секој миг поминат со организаторите и учесниците на овој самит претставуваше задоволство и чекор напред кон градење и зацврстување на пријателски односи. Од начинот на излагањето на мојата презентација и од самата презентација беа презадоволни и затоа ми овозможија како амбасадор на нашата земја, да бидам почесен гостин, предавач на еден од најстарите и најпознатите Универзитети во Мумбаи. Преку моите предавања студентите на овој Универзитет беа запознати за првпат со Македонија и нејзините убавини како и со образовниот систем кај нас. Воодушевеноста и љубопитноста зрачеше од лицето на секој од студентите. Посебно ме импресионира нивната заинтересираност за дообразување во Македонија. Благодарение на овој самит, благодарение на ново стекнатите пријателства денес јас се чувствувам посамоуверено. Ова е само почеток кој ќе ме води кон друго освојување во светот – раскажува Петрова за искуството во Мумбаи.

Следната меѓународна конференција за образованието, менаџирањето, економијата и бизнисот ќе се одржи во нашата земја, а можност за учество ќе имаат и студентите од нашите Универзитети, кои ќе имаат прилика да разменат мислења и искуства со експерти од цел свет.
Петрова во моментов сум на постдипломски студии на Факултетот за детективи и за безбедност при Универзитетот ФОН, како стипендист. Ја пишува втората книга, вистинска приказна, дел од нејзиниот живот, која ќе биде промовирана и во Минхен, Германија. Таа е дел и од тимот на волонтери во Африка. Младата неготинка од секое патување носи незаборавни искуства, кои ја стимулираат уште повеќе во нејзините желби и ангажмани во реализирање на хуманитарни проекти и учество на конкурси од светски карактер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


