| четврток, 6 декември 2018 |

Елена Лука: Секоја жена посакува да биде посебна

елена лука3

Елена Лука предизвика големо интересирање на априлската модна недела во Скопје со својата најнова колекција „Златни узди“ каде што освен модели, првпат презентираше и додатоци – чанти и чевли, за кои како што вели и самата, има одлични реакции. Модната куќа „Елена Лука“ во Виена беше единствениот македонски бренд кој ја имаше ексклузивната можност да ја презентира својата нова колекција венчаници на елитната манифестација. Ванчаниците на Елена Лука беа дел од модната ревија која се одржа во рамките на манифестацијата, а на која исто така продефилираа венчаници од неколку познати пред се австриски, но и германски и бразилски дизајнери и модни брендови. Во пресрет на матурските вечери, Елена Лука ги советува матурантите да изберат комбинација која ќе биде блиска до нивниот сензибилитет.

Во последната колекција која ја презентиравте на априлската модната недела во Скопје, „Златни узди“, доминираше златната боја, срмата и квалитетните материјали. Што ве инспирираше за оваа колекција?

Елена Лука: Водена по сопствените идеали, секоја жена посакува да биде посебна, грациозна и моќна, а во исто време нежна, романтична, сензационална и гламурозна –  токму таква беше жената од креациите на Елена Лука наменета за сезоната пролет-лето 2014, „Златни узди“ .Значењето на „Златни узди“ на новата колекција претставува суштествена компарација. Духот, силата, елегантноста и острата дефинирана интимност на коњот е само компарација со идеалот за девојката и жената, за која се наменети креациите на Елена Лука. Нивниот внатрешен сјај ја дава комплетната нота на нашите креации.

елена лука

На ревијата видовме и чевли и чанти со вашиот потпис. Дали модната куќа „Елена Лука“ првпат изработува вакви додатоци?

Елена Лука: За целата приказна на „Златни узди“ да биде комплетна, специјално дизајниравме и модни додатоци кои ќе ја облагородат и ќе и дадат богат финиш. Драго ми е што секојдневно наидувам на позитивни реакции за оваа прва колекција на чанти и чевли со потписот на Елена Лука кои беа забележани уште на ревијата и го привлекоа вниманието на публиката. Елегантните чанти и чевли се изработени од високо сјајна лакирана кожа, во црна и златна варијанта и истите се надополнети со додатоци од златни синџири и плочки со гравирани монограми со логото на Елена Лука. Чантите варираат од пликоа во асиметрични форми до такви со кратки рачки со прекршени преклопи кои се истовремено шик и создаваат визуелно-перцептивна игра. Линијата на чанти и чевли е веќе достапна и за продажба во двата изложбени салони на Елена Лука.

елена лука1

Како сте задоволни од одѕивот на новата колекција? За кого ја наменивте?

Елена Лука: Драго ми е што уште по завршувањето на ревијата луѓето несебично ги споделуваа позитивните импресии од „Златни узди“. Ова е колекција во која може да се пронајдат жени со различен карактер, животен стил и сензибилитет, односно опфаќа една широка таргет група и неизмерно е моето задоволство што слушам убави коментари и комплименти од жени со различни профили. Веќе комплетната колекција е во продажба, а интересот на клиентите е воочлив. Колекцијата опфаќа градација од деловни парчиња кои може да ги носите на работен состанок до коктел фустани за посебни пригоди и елегантни тоалети кои секако ќе придонесат дамата да се почувствува единствено и неповторливо.

Неодамна во Виена имате претставување на новата колекција на венчаници на која секоја година учестуваат познати светски брендови. Какви искуства носите од Виена? Како воопшто дојде до соработката со Виена и што може ново да очекуваме?

Елена Лука: Помеѓу  педесетината познати австриски брендови кои со своја програма се претставија на престижниот настан кој се однесува на комплетната организација на венчавки, Елена Лука беше првиот македонски бренд кој ја имаше ексклузивната можност да ја презентира својата нова колекција венчаници на елитната манифестација. Ванчаниците на Елена Лука беа дел од модната ревија која се одржа во рамките на манифестацијата, а на која исто така продефилираа венчаници од неколку познати пред се австриски, но и германски и бразилски дизајнери и модни брендови. Задоволство и престиж е да се биде дел од еден ваков настан кој има навистина строга селекција кога се работи за изборот на брендови кои својата работа ќе ја презентираат во рамките на истиот. Одличната организација, фасцинантниот амбиент на палатата, одбраната публика, опкружувањето, и се разбира максималната посветеност на овој проект, направија Елена Лука да се презентира во едно навистина убаво светло, за што потврда е и реакцијата не само на организаторите, туку и на тамошната публика која искрено се интересираше за историјата на брендот, потеклото, асортиманот и начинот на изработка… Специјално за овој настан беа изработени 15-тина венчаници кои го носат уникатниот израз на Елена Лука, а истите се во продажба и во новоотворениот салон за венчаници.

елена лука2

Се ближат матурските вечери, матурантите сигурно веќе ги сошили или купиле фустаните во кои ќе заблескаат на вечерата. Вие што би им советувале?

Елена Лука: Секогаш исклучително внимаваме на матурантите да им го обезбедиме соодветниот третман во одбирањето на најсоодветниот стајлинг за убавата пригода. Покрај големиот избор на готови модели кои варираат од симплицирани, минималистички скроени конструкции со впечатливи детали до подраматични модели со покомплицирана изработка, секако Елена Лука изработува и матурски комбинации специјално наменети за клиентот, по негова/нејзина желба, но секогаш со добронамерен професионален совет како вистинска насока во изборот. Она што секогаш им го препорачувам на младите клиенти, кои најчесто и покрај нивната младост сепак веќе имаат дефинирано индивидуален имиџ кој се заснова на нивната комплетна личност, е да изберат комбинација која ќе биде блиска до нивниот сензибилитет, односно да не се одбегнат самите себе и за една вечер се трансформираат во непрепознатлива личност, туку да останат она што се, но секако нивната препознатливост да биде прилагодена на самата пригода. Елена Лука секогаш го рефлектира својот препознатлив печат во секое парче облека со потпис на брендот, па така колоритот се движи од монохроматски и колор блок комбинации, до разиграни и шарени принтови или апликации кои го освежуваат изгледот. Изборот на кроеви и форми е исто така богат, па истиот варира помеѓу кратки здолништа со едноставна линија која ја следи силуетата на телото, до миди здолништа комплетирани со интересен топ како корсет или транспарентна кошула и долги софистицирани тоалети како елегантна варијанта. Секогаш внимаваме да понудиме една комплетна приказна, па така изгледот го финишираме со модни додатоци повторно со потписот на Елена Лука, а особени би сакала да алудирам и на посебната линија на чанти и чевли од новата колекција „Златни узди“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top