Актуелниот европски шампион во женска конкуренција, ракометниот тим Ѓер од Унгарија, ја одбрани титулата во Лигата на шампионите откако денеска во финалето на завршниот турнир во Будимпешта убедливо ја победи екипата на Будуќност од Подгорица со 27-21.
Интернационалниот состав на унгарките заслужено ја освои титулата не дозволувајќи му на составот на тренерот Аџиќ резултатски да се доближи во текот на сите 60 минути. Ѓер успеа да ја направи разликата во првата половина на првото полувреме откако успеа да направи пет разлика и да ја сочува до финишот. Тренерот на Ѓер, шпанскиот стратег Амброз, добро ги проучи противничките играчи и нивната гранитна одбрана и се чини лесно дојде до одбрана на титулата.
Денеска фантастична на голот беше Норвежанката Катрин Лунде, која е избрана за најкорисен играч на турнирот. Таа во финалето успеа да одбрани 14 топки. Во составот на Ѓер се наоѓа и најефикасниот играч Гербиц, кој успеа во финалето да постигне седум гола и со вкупно 87 да се закити со титулата најдобар стрелец оваа сезона.
Тимот на Ѓер е екипата која оваа сезона не ја почувствува горчината на поразот. Унгарките оваа сезона победија сѐ што им дојде на патот, освен во двомечот со Будуќност во групната фаза одиграа две нерешени средби.
Во борбата на третото место македонскиот шампион ЖРК Вардар СЦБТ успеа да го надмудри тимот на Митјиланд и заслужено да се радува на третото место.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.