| четврток, 6 декември 2018 |

Хипокризија

adrapo-sparai-90x115

Колумнист:
Ацо Станковски

Оваа повест има лични конотации, имено, сето ова искажување е доживеано од прва рака, а на хипокризијата која произлегува од ова непосредно искуство, не можам да и сè изначудам.

Впрочем, долго размислував, дали да му се доверам на фиктивниот читател, на оној идеален лик, полн со разбирање и емпатија, на кој му се обраќа секој ентузијаст на пишаниот збор. А јас, почитувани проследувачи на овие епистоларни сегменти на големиот мозаик од впечатоци и исповеди што висат на мрежата како чудни плодови на емотивноста и интелектуалноста, за себе имам недвојбен впечаток, дека спаѓам во големата и патетична група ентузијасти. Всушност, отсуството на богатство од најбанален, материјалистички аспект ме тера да се вбројам во оваа голема, романтична, колку и губитничка група индивидуи. Но, како што вели мудриот Зен учител – „Кој ја промашува целта, го погодува сето останато“. Затоа и нема многу носталгија, ниту, пак, ресентиман за пропуштените прилики, за погодностите на лукративните подвизи, а ниту, пак, за обилниот конфор. На крајот на краиштата, самото отсуство на болката е веќе огромен успех во овие времиња, а да не говорам за раатот, кој нема цена што може да го плати, ова мирно пловење по реалноста, ова кротко дремење по маргините на историската релевантност, она пландување по низините на спокојот, што го карактеризираат отсуството на големата драма на динамичната политичка реалност и гневниот ламент на протагонистите на незадоволството од сите можни провиниенции. Сето ова ме тера да се почувствувам како жител на „Божјата држава“, конципирана и исфантазирана од големиот христијански теолог, Тома Аквински, држава, во чија средина има отвор кој гледа надолу кон пеколот, од кој нагоре, кон праведниците допираат страшните крикови на проклетите души, измачувани од нечестивите сили. И токму ова спознание и оваа перцепција на тоа ужасно измачување го прави и најмизерниот статус во Божјата држава така убав и пожелен, да не кажам, блажен. Ете, како стојат работите во овој свет на словенски антитези. Ете, колку е скромен статусот на спасението. Значи, состојбата на блаженост не е ништо повеќе, отколку едно темелно и консеквентно отсуство на болка.

Но, што е со здодевноста, за која многу мудреци велат дека е предворје на пеколна разрешница?

Здодевноста, всушност, е состојба на инертно игноранство во однос на целината. Тоа е, пред сè, состојба на една голема неблагодарност кон повластената состојба на мир и сигурност, која протагонистот на здодевноста ја игнорирал во целиот свој егоизам и стеснетост на свеста. Во моментите на здодевност доволно е да погледате во пеколот, кој се накотил насекаде околу вас и со голема благодарност кон Бога, повторно да си го повратите рајското чувство. Ете, толку е тоа едноставно, потребно е само малку будност и смисол за целината.

Сепак, постојат души толку корумпирани од страстите, што нечестивиот ги сервира како во супермаркет, кои потполно ја изгубиле смислата за целината, за дуалноста на нештата, а, пред сè, за комплексноста на светот.

Овие, така да кажам, игноранти на мудроста, а, пред сè, анимализирани и острастени слуги на нечестивиот, воопшто не размислуваат за консеквенците на било кој потег што го влечат во своите амбициозни, а сепак така мизерни егзистенции. Доволно е да се задоволни, без оглед на типот задоволства со кои рогатиот, опашестиот и лукавиот ги части во изобилие, а потоа, кога се доволно корумпирани, пристигнува фискалната сметка, дирекно од неговото дувло, сместено некаде во централното подрачје на адот. Тешкото бреме што ги навјасува во тој момент и драмата што ги опфаќа неспремни и задремани, е само сигнал за оние што наслушуваат од платформите на „Божјата држава“. Сигнал за спас и смирение, терапија за фрустрациите, утешение за аскетските состојби, деконструкција на хедонистичките стратегии – Каква економија! Економија на невидливото, економија на душата.

Значи, да преминеме на главното, по овој поопсежен предговор. Елем, си гледам јас телевизија, мирно и скромно сместен во еден мал агол од бескрајната Божја држава, кога, еве ти реклама за главниот опозициски кандидат. Во пораката на овој, не многу прецизно артикулиран пропаганден спот, без било каква селективност и обмисленост, се пуштаат букет милозливи пораки за помирливост и почит кон сите граѓани на Република Македонија, без оглед на идеолошката, етничката или политичката припадност на истите. Чиниш , мед тече од устата на претседателскиот кандидат на опозицијата, а од спикерот, пак, кој се надоврзува на пораките на кандидатот, ти се причинува дека тече и мед и млеко, а со малку имагинација, и сладолед од ванила.

И сè би било добро, ако до пред само месец и половина од емитувањето на овој пропаганден спот на опозицискиот претседателски кандидат, со ништо испровоциран (освен со мојата поддршка на проектот „СК 2014“), нараторот, кој го воспева карактерот на аспирантот за најдоблесната функција во државата, не ми се јавуваше по телефон, притоа заканувајќи ми се по животот и упатувајќи најконстернирачки напади, исполнети со манијакална хомоцидност.

Се прашувам, колкав степен на душевна пропаднатост мора да има напластено во овој патетичен лик, па да може така радикално да ја менува мелодијата на својот репетитивен вергл? Можеби сето тоа го правел по нарачка од истите оние, кои сега го ангажирале? А можеби го правел тоа по нарачка на Скрајатаго?

Како и да е, не би сакал да бидам во рамките на неговото разјарено его. Ниту, пак, би сакал да бидам во негова близина. Посебно сега, кога фискалната од нечестивиот ќе му биде наскоро испорачана.

Кај мене, за разлика од жителите на „Божјата држава“ според Тома Аквински, криковите на проклетниците не будат благопријатно и себично спокојство, туку напротив, огромна емпатија, сочувство и ужасна потреба да скокнам надолу од сигуроносната и спокојна платформа кон пеколот, кон страдалникот, кој со своите крици не ме остава на мира и ме тера да споделам нешто со тие накажани грешници.

Зошто совеста, што е вградена во нашите души, е поголема од сите можни аргументации и спокојства. Амин.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top