Германскиот канцелар Ангела Меркел, при посетата на главниот град на САД, не криеше дека нејзините односи со претседателот Барак Обама остануваат нарушени по шпионскиот скандал, иако двете земји се најповикани да реагираат за смирување на кризата во Украина.
На заедничката прес конференција во Белата куќа, двајцата претседатели рекоа дека САД и Германија не ги надминале разликите по прашањето на американското прислушување на телефонот на Меркел и на германските државјани, јави дописникот на МИА од Вашингтон.
Меркел рече дека решението на овој проблем ќе треба да се бара на среден или долг рок, а потоа замина во Стопанската комора на САД, организација која е еден од најжолчните противници на претседателот Обама, да одржи обраќање во кое рече: – Да бидам отворена, имаме сериозен конфликт на интереси по ова прашање, и тој нема да биде целосно разрешен и по мојата посета. Потребно е да се постигне баланс меѓу безбедноста и заштитата на правото на приватност – изјави Меркел.
Претседателот Обама изрази жалење за скандалот откриен од пребегнатиот американски разузнавачки аналитичар Едвард Сноуден, кој преку повеќе весници од Русија објави детали за американските програми за масовно прислушување на своите и странските граѓани, како и на светските водачи како Меркел и бразилската претседателка Дилма Русеф.
– Ангела Меркел е еден од моите најблиски пријатели на светската сцена и личност чие партнерство длабоко го ценам. Затоа ме погодува нивото до кое откритијата на Сноуден создадоа тензии во нашиот однос – изјави Обама, кој рече дека воведува гаранции против злоупотреба на разузнавачките програми на САД, но воедно изјави и дека не станува збор за договор со кој ќе се спречи взаемно прислушување меѓу САД и Германија.Средбата во Вашингтон се случи пред веста за крвавиот напад во украинскиот град Одеса.
Обама и Меркел изразија загриженост од, како што кажа Обама, руското ескалирање на состојбата во источна и јужна Украина, и побараа ослободување на заробените набљудувачи на мисијата на ОБСЕ, меѓу кои има и четворица Германци.
– Една од најголемите причини за загриженост кои ги имаме е што руската пропаганда нон-стоп се обидува да убеди дека украинската Влада е одговорна за проблемите во источна Украина. Украинската Влада покажа исклучителна воздржаност во текот на целиот овој процес. Идејата дека во источна Украина се случува спонтано востание е поткопана од доказите за добро организирани, обучени и вооружени паравоени сили кои имаат капацитет да уриваат и хеликоптери – изјави претседателот Обама на заедничката прес конференција.
Меркел најави дека руско мешање и попречување на одржувањето на украинските избори кои се закажани за 25 мај ќе биде повод за воведување на дополнителни, многу посериозни санкции од досегашните удари кои беа насочени само на неколку десетици функционери и бизнисмени и нивните компании.
Претседателот Обама како индустриски сектори на Русија кои може да се соочат со санкции ги наведе воената индустрија, финансискиот сектор, кредитите за Русија, и енергетскиот сектор.
– Разговараме за секторски мерки кои ќе се одразат на одредени индустриски гранки. Можам само да кажам дека изборите на 25 мај се клучни. И доколку има дополнителни обиди за дестабилизација, состојбата ќе стане доста потешка, но јас работам за тоа изборите да се одржат на таа дата. Се докажавме во минатото, како за време на евро-кризата на пример, и повторно ќе ја покажеме нашата решителност ако биде потребно – изјави Меркел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.