
Пред три години СДСМ успеа да му се приближи на ВМРО-ДПМНЕ. Разликата на парламентарните избори во 2011 година беше не цели 70.000 гласа. Годинава, на неделните парламентарни избори, Зоран Заев, како лидер на партијата, успеа да го урне тоа. Разликата ја помножи со три. Од нецели 70.000 успеа да „направи“ разлика од над 197.359 гласа. ВМРО-ДПМНЕ освои 43.151 гласа повеќе од изборите во 2011 година, но затоа, пак, СДСМ освои 84.566 гласа помалку од она што успеа да го направи во 2011 година, кога на чело на партијата беше Бранко Црвенковски.
Ваквиот резултат го прогнозираше и екс-уредникот на весникот „Нова Македонија“ Зоран Димитровски. Тој пред две недели истакна дека СДСМ ќе изгуби околу 100.000 гласови, но потенцира дека СДСМ навистина е пред еден сериозен распад.
–Може да се случи многу веројатно СДСМ на парламентарните избори да има некоја бројка од 260.000-270.000 гласа и тоа да биде резултат што е за 100.000 помалку од минатите парламентарни избори, што гледано од аспект на тоа како СДСМ минувал на сите претходни избори, ќе треба Заев да си поднесе веднаш оставка. Значи, ако Шекеринска, Бучковски, сите поднесувале оставки и со многу помали резултати и Бранко Црвенковски на крајот на краиштата после локалните избори, тогаш СДСМ навистина е пред еден сериозен распад, осбено што имаше кругови кои ја критикуваа оваа политика на Заев. Може да се случи тие кругови многу сериозно да формираат одредена политичка структура, на крајот да го расцепат СДСМ, рече тогаш Димитровски.
ВМРО-ДПМНЕ според бројот на освоени гласови стигна на нивото на 2008 година, кога ја имаше најубедливата победа со освоени 481.501 глас. Тогаш освои 63 пратенички места. Но, таа година СДСМ, на чело со Радмила Шекеринска, го имаше и најубедливиот пораз. Освои само 233.284 гласа, односно речиси 250.000 помалку од ВМРО-ДПМНЕ. Годинава СДСМ доби 50.000 гласа повеќе од 2008 година, поради што, ВМРО-ДПМНЕ има два мандата помалку – 61 пратеничко место.

Да се потсетиме на изборите низ годините:
2002 година – СДСМ 60, ВМРО-ДПМНЕ 33
На парламентарните избори во 2002 година победи тогаш опозициската коалиција „За Македонија заедно“, по што по четиригодишна пауза на власт се врати Социјалдемократски сојуз на Македонија. По ова, Љубчо Георгиевски, како лидер на ВМРО-ДПМНЕ на партискиот конгрес во Охрид во мај 2003 година се повлече од лидерската функција, а на негово место за претседател на партијата беше е избран Никола Груевски. На изборите во 2002 година во првата изборна единица на Бранко Црвенковски, како носител на кандидатската листа, му се спротивстави Никола Груевски. Во „двојка“ коалицијата на СДСМ ја предводеше Трифун Костовски, каде што за противник го имаше Стојан Андов. Во „тројка“ се судрија Тито Петковски и Љубе Бошковски, а во четворка на носителот од коалицијата на СДСМ, Петар Гошев, му се спротивстави Маријан Ѓорчев, како носител од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Во „петка“ се соочија Никола Поповски со тогашниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Георгиевски. Во „шестка“, пак, носителката на СДСМ, Илина Митрева, за противкандидатка ја имаше Ганка Самоиловска-Цветанова.

2006 година – Бучковски загуби од Груевски
СДСМ успеа да се задржи на власт само еден мандат. Веќе во 2006 година, тогашната опозиција, предводена од Груевски, ги доби изборите. 45 пратенички места ѝ припаднаа на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, а 32 на коалицијата предводена од СДСМ. Тогаш лидер на СДСМ беше Владо Бучковски, од кого по изборниот пораз од Бучковски беше побарано да поднесе оставка на функцијата претседател на СДСМ. Тој се спротивставуваше на ваквото барање, но на конференцијата на партијата му беше изгласана недоверба и тој беше принуден да се повлече од претседателското место во СДСМ. Бучковски како лидер на СДСМ беше носител на листата во скопска „единица“, за противкандидат го имаше Груевски. Во „двојка“ на Јован Манасиевски му се спротистави Трајко Славевски, во „тројка“ се одвиваше дуелот Никола Поповски – Влатко Ѓорчев, а во „четворка“ на потпретседателката на СДСМ, Радмила Шекеринска, ѝ се спротистави Силвана Бонева, која го доби мечот со 7:11. Во петтата изборна единица Илинка Митрева како противкандидат го имаше Љубиша Георгиевски, а во шестата изборна единица Јани Макрадули на спротивната страна го имаше Антонио Милошески. Тие играа нерешено – по два пратеника на двете страни.

2008 година – Шекеринска доживеа дебакл
Во 2008 година Македонија повторно гласаше, овој пат на предвремени избори. Коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, освои дури 63 пратенички места. Тогаш Груевски ѝ нанесе катастрофален пораз на Шекеринска, која беше лидер на СДСМ. Коалицијата предводена од СДСМ освои само 27 пратенички места. Шекеринска си поднесе оставка поради катастрофалниот пораз што го доживеа. ВМРО-ДПМНЕ на овие избори освои дури 177.000 повеќе гласови од тие во 2006 година. Шекеринска како носител на листата во првата изборна единица се соочи со Груевски, а крајниот резултат беше 11:5 во корист на Груевски. Во „двојка“ се соочија Трајко Славевски од ВМРО-ДПМНЕ и Јован Манасиевски од коалицијата на СДСМ, во „тројка“ на Влатко Ѓорчев противник од опозицијата му беше Тито Петковски, а Зоран Ставревски за противник го доби Зоран Заев во четвртата изборна единица. Заев како носител на листата успеа да земе седум пратенички места, наспроти 13 места, колку што освои Ставревски. Во „петка“ се судрија Антонио Милошески и Јани Макрадули, а во шестата изборна единица судирот беше меѓу Гордана Јанкуловска и Игор Ивановски – Шема.

2011 година – СДСМ загуби, Црвенковски избегна одговорност
Последни избори беа тие во 2011 година, кога Црвенковски избегна соочување со Никола Груевски и реши да биде знаменосец. Неговата СДСМ ги загуби изборите со 69.500 гласа помалку од тие што ги освои партијата на Груевски. Во првата изборна единица, на соочување со Груевски, повторно ја пушти Шекеринска. Во „двојка“ се соочија Гордана Јанкуловска и Ана Павловска-Данева, во „тројка“ судирот беше меѓу Влатко Ѓорчев и Стевче Јакимовски, а во „тројка“ повторно имаше дуел Зоран Ставревски и Зоран Заев. И овој судир заврши во корист на Ставревски. Во петата изборна единица силите ги измерија Антонио Милошоски и Јани Макрадули, а во шестата на Никола Тодоров му се спротистави Стојко Пауновски, кој и на претстојните избори ќе биде носител на листа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


