| четврток, 6 декември 2018 |

Јакимовски: Еден пратеник како „златна акција“ на ГРОМ

GROM Stevce Jakimovski_041

Лидерот на Граѓанската опција за Македонија (ГРОМ) Стевче Јакимовски денеска изрази задоволство од освоениот мандат во Собранието на Република Македонија, посочувајќи дека партијата заслужува многу повеќе, но како нова сила на политичката сцена треба многу повеќе време.

– Коалицијата ГРОМ го освои својот прв пратеник, во релативно кус рок од формирањето на партијата, пред шест месеци. Тоа е Чедомир Саздовски во ИЕ 1. Со овој чин, ГРОМ станува парламентарна партија, што значи дека имаме нова сила во Парламентот на Република Макединија која ќе има можност да учествува во креирањето на државната политика – рече Јакимовски.

Имајќи предвид дека ВМРО-ДПМНЕ освои 61 мандат во Парламентот, објективно, како што рече Јакимовски одговарајќи на новинарски прашања, специфична тежина на партијата е многу поголема.

– И овој еден пратеник е најверојатно таа „златна акција’’ што ја има ГРОМ. Но оваа предност во секој случај ќе се користи за конструктивност во работата на парламентот – изјави Јакимовски.

Партијата на парламентарните избори освоила, според него, вкупно 31.610 гласови и се бори за за вториот пратеник во ИЕ4 Панчо Минов.

Како партија од центарот ГРОМ, според Јакимовски, ќе ги поддржува сите добри работи кои ќе ги спроведува Владата, но во исто време ќе се спротистави на сето она што нема да биде во интерес на граѓаните и ќе предлага конструктивни решенија за тековните проблеми.

Јакимовски рече дека не може да го коментира барањето на лидерот на СДСМ Зоран Заев за техничка влада, од причина што изборите ги спроведува Државната изборна комисија, на чиешто чело стои претставник од опозицијата.

– Сметам дека тие се најодговорни за тоа како тече изборниот процес во Македонија. Според реакцијата на ДИК, можете да забележите дека нема забелешки на изборниот процес – рече претседателот на ГРОМ Јакимовски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top