Сите грчки медиуми јавуваат дека денеска се во тек парламентарни и претседателски избори во Македонија, на кои се очекува победа на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, јави дописникот на МИА од Атина.
Провладиниот весник „Катимерини“ пишува дека премиерот Никола Груевски денеска оди на двојна победа на парламентарните и на претседателските избори и единствено не е сигурно дали ќе обезбеди апсолутно мнозинство во парламентот. Весникот пишува дека за да формира влада, Груевски ќе треба да ги обнови нарушените односи со партнерот во досегашната влада, албанската партија Демократска унија за интеграција (ДУИ).
– Сепак, 44-годишниот премиер обезбеди силна поддршка од претседателот на Европската народна партија, Жозеп Дол, кој во аудиовизуелна порака се воздржува за името на земјата, но луѓето од ФИРОМ ги нарекува Македонци и ветува дека ќе се бори рамо до рамо со Груевски за да се реализира сонот за целосна интеграција во ЕУ… Ставот на господинот Дол, кој вели дека е пријател на Самарас и во неколку наврати топло зборувал за грчкиот премиер, е показател за климата која преовладува во Европската унија за прашањето за името – пишува „Катимерини“.
„Етнос“, пак, повикувајќи се на последните анкети, пишува дека Иванов ќе обезбеди втор мандат како претседател на Македонија, додека владејачката ВМРО-ДПМНЕ има најмалку 10 проценти предност пред најголемата опозициска партија СДСМ.
– Останува да се види дали Груевски ќе ја согледа и оваа победа како мандат да продолжи
со бескомпромисната политика за прашањето за името – коментира „Етнос“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



