Многу оддамна земав учество на еден спиритистички обред, организиран во еден стан во Градски ѕид во Скопје. Под дејство на хипнозата во која нè воведе „адептот”, ние, петтмината учесници, создавајќи астрален егрегор се упативме во сфери, непојмливи за нормалната состојба на свест. Токму така, патувајќи по зачудните зони на сèможното, имав чест да се сретнам со неверојатната Мадам де Блаватски. Отпрвин бев уплашен и инхибиран, но таа се погрижи духот да ми се успокои и, ние почнавме неврзан разговор.
Се покажа дека во моментот таа е на пропатување низ Америка, а како поткрепа на нејзините зборови, се вообличи амбиент на стар воз, кој бревта низ крајолиците што ја обиколуваат трансконтиненталната железница Атлантик-Пацифик.
На моето прашање, како се најдов тука, до нејзе, Мадам де Блаватски ми одговори, дека сè е тоа една грешка. Но, како грешките не постојат, таа оваа наша средба ја означи како предодреденост, што заслужува дополнително објаснување.
М.Б. – Видете, адептот што ја водеше сеансата во оној стан, во оној град среде Балканот, како се викаше?
– Скопје.
М.Б. – Аха, С-С-копје, сега е се јасно! Е, тој адепт, два дена пред сеансата читаше некои мои текстови. А, треба добро да знае пред секој ритуал од тој тип, дека треба најмалку три дена да не се биде присутен, ментално присутен, во Гутенберговата галаксија. Ме разбирате?
– Да. Мислите, без читање…
М.Б. – Токму така. Прибидејќи се формираат когнитивни соджини, еден вид микро-светови, кои, кога се воведени во сферите на акашата – еден вид спиритуална мрежа – добиваат онтолошка автономија и функционираат како дупки во реалноста, дупки, исполнети со феномени и егзистенција.
– А? Мислите мали острови на реалност во реалноста.
М.Б. – Токму така, како дигресии во текстот.
– Мислите дека јас и вие и оваа железница, сме во една таква реалност?
М.Б. – Без сомнение. Адептот од онаа ваша сеанса го емитира ова ментално собитие и без да е свесен за тоа. Вие и јас ја живееме неговата потсвесна проекција во овој момент.
– Уф.
М.Б. – Ништо страшно. Напротив, и двајцата ќе имаме полза од ова небитно невнимание на вашиот адепт. Всушност, јас ќе добијам друштво на ова долго патување низ Средниот запад, а вие ќе имате интересн увид во езотеризмот. Гледате колкава е перфекцијата на Космичкиот ум. Секоја невнимателност, која според човечката логика е грешка, „Тој” ја претвора во настан и сознание од неспоредлива важност.
– Без сомнение.
М.Б. – Токму така. Пред да се случи ова, имав визија во која видов еден индијански врач со копје во рацете. До него имаше голем казан, чија пачеста содржина клокотеше врз огнот. Врачот го стави копјето во казанот и почна да бае, воедно мешајќи ја содржината како некаков готвач. Песната му беше тажна, но достоинствена.
– Се сеќавате на содржината?
М.Б. – Како низ магла. Всушност, сеќавањето и сфаќањето се иманентни ментални структури. Врачот ја освестуваше егзистенционалната стихија која се надви над неговиот народ. Од хаосот создаваше приказна.
– Приказна – историја?
М.Б. – Токму така. Историјата за „вртлозите” – феномен, кој се појавува на секои 1000 години и означува историско-цивилизациски „melting pot”, каде антрополошките сили од разни култури се сретнуваат во истоветен простор и време.
– И?
М.Б. – Тоа се драматични историски периоди, од кои еманираат невидени енергии. Најчесто проследени од безумни конфликти и разурнувања. Тоа доаѓа како последица на стравот од непознатото. Сепак, на крајот, тие две или повеќе култури ќе се фертилизираат и тука почнува еден нов и супериорен период во историјата на човештвото. Токму тоа го истражувам на ова мое патување низ Америка.
– Новата раса?
М-Б. – Начелно да, но подобро старо-новата.
– Мислите, човекот е осуден да биде она што бил? И што е!
М.Б. – О, не. Тоа е прашање на индивидуалитетот. Сепак, секогаш постои подобрување, еволуција, сè подобро и посовршено, сè поосвестено и поразбудено – сè до конечно будење!
И Мадам Блаватски се разбуди. Пред нејзините очи минуваа жолтите прериски треви и синото небо…
И јас почнав да се враќам во нормалната состојба на свест. Како низ некаков тунел од содржини, сè до обикновената реалност, во таа скопска вечер, во тој стан во Градски ѕид… Адептот сè уште ја влечкаше книгата на Мадам де Блаватски во џебот од својот мантил.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.