| четврток, 6 декември 2018 |

На кои прашања Гугл нема одговор

galijana-184x168

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

Гугл не може да одговори на реторичките прашања.

И Србите ги бомбардираа, зарем не?

Интеретот конечно и дефинитивно и засекогаш ни ги измени животите. Секој може да си го консултира својот личен консилjере во кое било време од денот и ноќта, потребно е само да ја внесе лозинката на означеното место. Гугл е бесплатен, а неговата моќ е огромна. Кој е Гугл? Или, поточно, што е гугл?

Кој генијален ум се досетил да смисли онлајн џубокс за милијардите зилијарди прашања?

Како се отвора кокос? (Со штрафцигер) Не веруваш?

Временска прогноза. Ако мислиш да патуваш види што велат сателитските снимки. Временските услови од иднината веќе се случуваат во сегашноста. Снегот, дождот, ветрот, ураганите, циклоните. Сите прогнози се базираат на прецизното читање на СЛОЕВИТЕ на сегашноста. И светските војни можат да се следат во живо или онлајн.

Повисоките инстанци, што год да значи тоа, го шират убедувањето дека војните се водат за енергетски ресурси. За гас, нафта, дијаманти, територија. И одеднаш, во името на нафтата едно човечко суштество оправдано може и смее да убие друго човечко суштество. За да „сака“, нема потреба од наркоза. Доволни се пестицидите од храната.

Дури ни гугл неможе да ти каже дека главниот енергетски ресурс на оваа планета е човекот. И дека човекот не е толку малечок и безвреден како што постапно и системски се замајува во процесот на институционалното школство, служењето војска и слично… Со крвопролевањето и со милионите невини жртви се хранат многу повисоки „космички“ инстанци, за коишто малку или речиси ништо не се знае, бидејќи тоа е класифицирано како „топ сикрет“.

Далечните планети, или неидентификуваните ентитети. Кој уште има време да верува во тоа.

Хороскоп. Ако си некој незгоден знак, ќе го прочиташ точниот совет во секое време: што и да мислиш, мисли го спротивното. Но не претерувај, може да те стрефи нирвана. А од нирвана нема бегање.

Не ти помага шестиот јазол во деветтата куќа.

Темната страна на месечината: жените во ПМС најдобро знаат за што се работи.

Од непознати причини, се крие вистината. Смртта како лага број еден на општата замаеност. Кустурица сосема учтиво ја нарече „гласина“. Најпрво се прави лекот, а потоа болеста. Бесмртноста е мит и приказна за пред спиење. Човечките тела сепак, имаат рок на траење.

И можат да се расипат исто како стара фабрика, стар рудник, старо железо, да фатат мувла. Така настанал пеницилинот впрочем. Потоа спектарот на болки и палетата на стравови. И аптеки… И пари. Take the money and run. Некои тоа го сакаат жешко: вакцини.

Како да го излечите своето тело во три чекори. Два напред, еден назад. ОРО. Кај нас најпознато и надалеку прочуено е Тешкото. Нешто како хевиметал на хималајски начин, чиста уметност.

Дали тешкото настанало како последица на земјината тежа? Дали во бестежинска состојба може да се игра тешкото? Што вели Гагарин?

Кој би го знаел тоа?

Гугл, се разбира. Треба само малку гуглање.

„Илјада зошто“ со дебели корици и прекрасни фотографии и плафонска цена, фаќа прашина во излогот на локалната книжарница.

Тоа што некогаш била книгата, денес е мрежата.

Има ли статистика за најчесто бараните теми?

Што е разлика меѓу шимпанзо и горило?

Зошто се топи мразот? Вистина ли е дека кога плаче, човекот се детоксифицира? Солзите имаат моќ да го вадат отровот надвор од телтото. Затоа се солени.

Што е среќата? Постои ли рецепт за вистинска среќа? Најкратката анегдота-муабет на еден искусен старец и неговиот несреќен внук:

Сакаш да бидеш среќен? Па, биди!

Ете, толку бил краток патот до суштината на сите суштини. Како во бајка на Мандино, во која вели дека човековото срце е направено од ѕвезди.

Или во книгите на Куелјо – Вероника се предомисли.

Никој не може другиот да го направи среќен. Но секој може себеси да се усреќи, и да ја прошири заразата понатаму. Ако е несреќен еден, несреќни се сите, но ако е среќен…. Ги ослободува останатите. Од сопствената несреќа.

Исто, на гугл може да се пронајде дека небото е холограм.

А холограмот е?

Холограм е на пример, кога те боли забот горе лево пет, но од малата забна болка те боли целото тело и не можеш ништо да правиш сè додека не помине болката.

Холограм е кога по пет милиони години по крајот на светот, ќе го пронајдат баш тој заб во некои археолошки експерименти и врз основа на пломбата ќе направат реконструкција на целата цивилизација. Каде била Европа, каде Азија, Африка и т.н.

Зошто од толку простор на планетата, обожавале да се гужваат на мали местенца од кои најчесто печатен графит и особено на маиците е њ у ј о р к …, зошто се бомбардирале одвреме-навреме едни со други, и зошто цело време во воздухот постоела една наелектризираност и тензија како пред дожд….?

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top