Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на вечерашниот митинг во Куманово јавно му постави прашање на претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
– Еве, јавно го прашувам, ако тој изгуби во Струмица на 27 април, дали е подготвен уште вечерта да поднесе оставка од функцијата градоначалник. Во моментот кога граѓаните ќе гласаат за поддршка на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ дали Заев е подготвен да си замине. Ајде да видиме дали сега ќе слушне или пак нема да му се слуша – истакна Груевски.
Тој нагласи дека неколу пати досега јавно го повикал Заев да поднесе оставка од градоначалничката функција ако бил толку убеден дека ќе биде идниот премиер и на тој начин да ја покажел својата сигурност, но, како што рече Груевски, Заев молчел.
Груевски додаде дека СДСМ и Заев уште сега знаат што мисли народот и колку е подготвен да им ја даде довербата, па уште сега размислуваат да објават дека нема да ги признаат резултатите во недела навечер.
– Таквите размислувања и таквите чекори на непризнавање резултати укажуваат на недостиг од политичка и државотворна зрелоста, таквите чекори ќе направат само штета на Македонија – нагласи Груевски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ потсети дека СДСМ цели 9 години губи на изборите во седум изборни циклуси, а сѐ поизвесно е дека и на овие избори ќе имаат двоен пораз.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



