Поранешниот претседател на Еврогрупата и експремиер на Луксембург, Жан-Клод Јункер, денеска на прес-конференција во Брисел, промовирајќи ја кандидатурата за иден претседател на Европската комисија, потврди дека европската перспектива на Република Македонија нема да биде отфрлена во иднина.
Одговарајќи на прашањето на дописникот на МИА од Брисел, Јункер како најверојатен иден прв човек на Комисијата, со оглед на тоа што е кандидат на најсилната партија во Европскито парламент – Европските народни партии (ЕПП), ја потврди јасната ЕУ -перспектива на нашата земја, но и дека во наредните пет години, ниту една земја нема да стане нова членка на Европската унија.
– Не сум сугерирал дека на проширувањето на Унијата му е потребна пауза. Напротив, преговорите треба да продолжат. Но, како и многу мои колеги од Европскиот совет, Европската комисија и од Европскиот парламент, мислам дека нема да има ново проширување во следните пет години – посочи Јункер во одговорот на прашањето од дописник на МИА од Брисел.
– Тоа не значи дека европската перспектива на земји како вашата и останатите Балканските земји ќе биде отфрлена. Не го велам тоа, туку само дека нема да има ново приклучување кон ЕУ во следните пет години. Ама, повторувам дека пристапувањето кон Унијата треба да продолжи – додаде Јункер, одбивајќи да го изговори името на нашата земја, како и да каже што тој би сторил како иден претседател на Комисијата за да се почитуваат препораките на оваа институција до Европскиот совет и Македонија да ги почне пристапните преговори со ЕУ.
Според последните анкети на мислењето во 28-те земји-членки на Унијата, на престојните избори за 751 член на Европарламентот, ЕПП што го кандидира Јункер за челник на неформалната Влада на Унијата, повторно ќе биде победник. Тоа значи дека искусниот луксембуршки политичар најверојатно ќе го превземе местото на Жозе Мануел Барозо, а според шпекулациите, дури и да не се случи такво нешто и неговиот против-кандидат од таборот на европските социјал-демократи, Мартин Шулц, да стане прв човек на Еврокомисијата, во тој случај Јункер, како кандидат на германската партија ЦДУ на Ангела Меркел, ќе го превземе претседателското место во Советот од страна на Херман ван Ромпуј.
Изборите за Европски парламент во ЕУ-земјите ќе се одржат меѓу 22 и 25 мај, а сегашниот состав на Европската комисија има мандат до крајот на октомври оваа година, по што ќе ги заменат други еврокомесари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шумската мафија годишно заработува и до 25 милиони евра (видео)
-
Јункер напаѓа повторно: Кафен чевел за левата, црн за десната нога (видео)
-
Македонците ќе имаат најкраток работен век во Европа
-
Вучиќ за предупредувањето на Јункер: Можеби е претерано дека „тлото на Балканот е сеуште погодно за воени судири“, но не би ја исклучил можноста