Српскиот претседател Александар Вучиќ, коментарјќи ја вчерашната изјава на претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер дека на Западен Балкан му се заканува сценарио од 1990-тите доколку ја изгуби перспективата за членството во ЕУ, изјави дека таа можност не би ја исклучил.
– Имам целосно почитување кон Јункер за разлика од многумина кои измислуваа дека бил пијан. Тој не беше пијан, бидејќи има проблеми со кои многумина од нас се соочуваат во движењето. Тој е сериозен и одговорен човек. Можеби е претерано тоа што го кажа, но јас не би го отфрлил тоа, ако бидеме оставени сами на себе, рече српскиот претседател Александар Вучиќ.
На отворањето на фабриката „Лабор Срб“ во Сремска Митровица тој рече дека улогата на Србија е таква што таа мора да го чува мирот.
– Ќе преминеме преку провокациите, треба се да сочуваме и да градиме фабрики. Тоа е она што му го ветивме на Јункер и тој тоа го цени. Тој е човек кој одлично ја познава економијата и се што кажува треба да се земе предвид со голема сериозност, изјави Вучиќ.
Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер во петокот во Виена предупреди на ризикот од избувнување на војна на Балканот ако ЕУ дозволи да згаснат надежите за влез во Унијата.
– Ако го лишиме Балканот од можноста за членство… ќе го доживееме она што го доживеавме во 1990-тите и тоа несомнено порано отколку подоцна, рече Јункер.
Од друга страна, тој додаде дека патот на земјите од Западен Балкан во ЕУ е „се уште долг“. Тој објасни дека напредокот на овие земји се уште е „недоволен“, поради што за ова не може да се говори „пред 2025 година“.
Тој укажа и дека ЕУ треба „интензивно да се занимава“ со Балканот и да не се дозволи да се роди идејата дека „не мислиме сериозно, кога станува збор за перспектива за членство“, со оглед на фактот дека некои земји-членки не ја кријат својата резервираност.
– Тлото се уште е плодно за воени судири во тој регион, нагласи Јункер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.