| четврток, 6 декември 2018 |

Од што се уплаши Али Ахмети?

A leader of the Democratic Union for Integration (DUI) ,Ali Ahmeti greets to his supporters during the protest against violence during electorial campaign

За прв пат од 2002 година кога од воен командант се претвори во политички лидер првиот човек на ДУИ покажа нервоза и страв дека некој друг од македонскиот блок покрај него и уште по некој албански политичар може да влијае на албанскиот електорат.

Уплашен дека неговата реторика преполна со големи зборови за нацијата и албанските етнички, природни и територијални граници не носи подобар живот за никого започна да говори за економијата. Човекот кој што во неговата 12 годишна политичка кариера никогаш јавно не проговорил за економија сега за само два дена целосно ја смени изборната реторика и започна економските проекти да ги промовира како центгар на неговото политичко делување.

А сето тоа се случи само еден ден откако на медиумите на албански јазик во земјава започна да се врти видео спотот во кој премиерот и лидер на ВМРО – ДПМНЕ на албански јазик им се обрати на Албанците.

Во спотот кој што изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ го изработи Груевски директно со превод на македонски јазик им се обраќа на граѓаните Албанци. Во видео пораката Груевски бара Албанците да не веруваат во обвинувањата дека тој и неговата партија се антиалбански настроени, бара Албанците да не живеат во стереотипи и предрасуди за него и неговите политики и тоа го аргументира со низа проекти од кои што бенефит имаат сите граѓани, а не само Македонците. Тој во пораката вели иако во албанскиот блок има многу политичари, министри, функционери кои што помогнале да се спроведат многу проекти од општо добро сепак на сите им е јасно дека стожер на политиките кои што носат подобар живот за сите граѓани е неговата партија. Притоа Груевски ги наведува проектите со кои се намали бројoт на невработеноста, намалувањето на цената на лековите, странските инвестиции, изградбата на спортските сали, бесплатните учебници и превоз за учениците, субвенции за земјоделците и десетици други проекти кои што ги предложила и ги спровела владата на Груевски, а кои што се од корист за сите граѓани и Македонци и Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и сите други граѓани без разлика на националната и верската припадност.

За Ахмети се разбира најопасен е делот каде што Груевски прецизно ја откри шемата по која што оперираат најголем дел од Албанските политичари: „Значаен дел од политичарите кои ја добиваа довербата од вас, многу малку беа сконцентрирани на вашите реални проблеми на вашето преживување, на сиромаштијата, невработеноста, на проблемите со криминалот, на образованието, здравството, на проблемите на земјоделците… Наспроти тоа, вашето внимание го одвлекуваа со национални теми, како употребата на знамето, на тоа на кој јазик ќе се зборува во парламентот и други прашања. Јас тие теми не ги потценувам и ги уважувам, но сите знаеме коие се вашите и наши најголеми проблеми“, порача во своето обраќање до граѓаните Албанци премиерот Груевски.

Веднаш потоа со нервозна реакција се појави ДУИ. Погоден од зборовите на Груевски дека во обид да ја покријат својата неспособност во реалната политика лидерите на Албанците преферираат да зборуваат за големи национални, а всушност празни теми кои што не можат да го подобрат стандардот, лидерот на ДУИ почна да ја менува реториката и да говори дека за да се биде патриот треба да се биде добар во економијата.

Со брзата промена на реториката и ставањето на економијата во фокусот  Ахмети всушност ја потврди исправноста на сите поенти од говорот на Груевски. Призна дека за сите 10 години колку што ДУИ е во владата од 2002 година неговите министри воопшто не се фокусирале на економијата корисни за сите граѓани туку само на темите поврзани со правата и барањата на Албанците.

Доколку тој навистина ја научил лекцијата и навистина во иднина ќе остане на својот нов став дека економијата е најважна тема за сите политичари тогаш говорот на Груевски вредеше за сите, и за граѓаните Албанци и за политичарите Албанци.

Доколку пак Ахмети само сака да ја прикрие слабоста на своите министри и планира по изборите повторно да работи само за Албанците тогаш пораките на Груевски се корисни само за тие што реално можат и сакаат да видат што е корисно за сите. За жал не и за  гетоизираните заедници каде што предрасудите и стереотипите се поважни од општиот интерес.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top