| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија напредува, од идниот месец ќе бидеме 73. на ФИФА ранг-листата

Македонската фудбалска репрезентација направи одлична увертира пред продолжението на квалификациите за СП 2014 и по победата над Данска од 3-0 во пријателскиот натпревар, ќе го продолжи продорот на светската ранг-листа. Во март ќе забележиме скок од 5 позициии и ќе бидеме на 73. место на ФИФА ранг-листата.

Промените во фудбалската федерација и особено потегот со назначувањето на Чедомир Јаневски за селектор, ни донесоа пријатна фудбалска клима што се чуствува во репрезентацијата.

Од „стотката“ на која заглавивме во средината на минатата година, намаливме дури 27 скалила, а што е најважно играме одлично.

Огромни заслуги одат на сметка на фудбалерите. Горан Пандев, Агим Ибраими, Николче Новески и сите останати што го носат националниот дрес даваат максимум, а ефектот се чувствува на теренот. Никој не не надигра во квалификацискиот циклус, иако на двапати загубивме од Хрватска.

Репрезентативците ни приредија многу пријатни моменти.

Победивме фудбалски велесили како Србија и Данска, и во Загреб и во Скопје одигравме храбро против Хрватите, а ги надигравме и Шкотите во Глазгов. Во пријателски натпревар падна и Словенија.

Бодовното салдо во групата А (4 бода), за пласман на СП во Бразил, е прескромно во однос на прикажаните игри, но одиме напред. На ред е Белгија, една од најталентираните светски селекции, со која ќе играме двапати во кус период идниот месец. На 22. март сме им домаќини на „ѓаволите“, а 4 дена подоцна им гостуваме. Белгијците се фаворити, водат во групата без пораз заедно со Хрватска и евентуален подвиг против нив би не катапултирал десетина места на ФИФА ранг-листата. Најдобропласирани бевме во октомври 2008 на 46. позиција.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top