| четврток, 6 декември 2018 |

На гласањето на 27-ми април ќе се бележи левиот палец

Левиот, а не десниот палец ќе им се обележува на граѓаните на претстојното гласање на парламентарните и на претседателските избори закажани за 27 април, в недела, објави „Дневник“. Ваква одлука завчера донела Државната изборна комисија откако добила сознанија дека кај многумина граѓани с` уште не се избришани трагите од маркирањето извршено на гласањето на 13 април.

– За да нема никакви забуни и да одбегнеме ситуации во кои на некој граѓанин би можело да му биде попречено правото да гласа бидејќи има траги од мастилото, донесовме одлука обележувањето да се врши на друго место. И ние добивме информации дека кај доста гласачи с` уште постојат траги од маркирањето и тие се видливи. До недела тие можеби нема да исчезнат и би можеле да се случат недоразбирања и проблеми – ни изјави вчера Субхи Јакупи, потпретседател на ДИK.

Kако што беше најавено пред гласањето, трагите од мастилото со кое беа обележувани граѓаните требаше да исчезнат по само еден ден од ставањето на белегот на десниот палец.

– Фактот што мастилото с` уште не се брише е во спротивност со информациите што кружеа уште додека траеше гласањето дека тоа лесно се брише само со влажни марамчиња, со ракија, со ацетон. Овој проблем зборува токму спротивно, но не е во ред и во однос на тоа што се очекуваше да се избрише за само еден ден – објаснува Јакупи.

ДИK го набави мастилото од Kина и тоа, според тврдењата, ги исполнувало сите стандарди за оваа намена. Ова не било првпат тоа да се употребува на избори. Но, досега ретко се случувало да не се избрише и по повеќе дена од маркирањето.

Дел од невладините организации што ги следеа изборите во своите извештаи забележаа дека мастилото лесно се бришело. Маркерите беа набавени од странство, бидејќи во Македонија не се произведуваат, а поради итноста и роковите за испорака, постапката била спроведена со преговарање. На маркерот го има логото на ДИK, пишува на македонски јазик и на јазикот на кој зборуваат граѓаните во општините каде што се повеќе од 20 отсто, и има заштитен знак, како лозинка, кој беше доставен само до претседателот на ДИK. Секој маркер може да се користи за најмалку 500 гласачи, а во составот на мастилото има 20 отсто сребронитрат и боја. Одбележувањето на гласачите со видливо мастило не е вообичаена пракса во европските земји, а освен Македонија, Албанија користеше вакво мастило за обележување на избирачите на последните парламентарни избори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top