| четврток, 6 декември 2018 |

„Новото лице“ на опозициската бесмисленост

Човекот што Заев и Шекеринска го претставуваат како „ново лице“, самиот за себе вели дека не е од вчера на јавната сцена. Со последните јавни настапи претседателскиот кандидат на СДСМ покажа дека има повеќе лица, кои, навистина, не му се од вчера

Како што одминува првиот дел од претседателската кампања „новото“ лице на СДСМ, Стево Пендаровски, сѐ повеќе го покажува својот вистински лик и ги враќа сеќавањата на народот за неговиот политички капацитет. Тактиката што ја одбраа СДСМ и Пендаровски за негова промоција пред граѓаните, во стилот „ни риба, ни девојка“, не само што не ги дава очекуваните резултати туку и прави дополнителна штета на и така слабиот имиџ на партијата.

Човекот што Заев и Шекеринска го претставуваат како „ново лице“, самиот за себе вели дека не е од вчера на јавната сцена. Точно е дека Пендаровски не е вчерашен, но точно е и дека со 16-годишната кариера носи свој багаж во политиката. Јавноста го запозна како портпарол на МВР, а потоа и како советник за безбедност на претседателот Борис Трајковски. Но, неговите најголеми политички гревови се од времето кога тој беше претседател на Државната изборна комисија. Од таа позиција Пендаровски го инаугурираше Црвенковски за претседател на државата иако сите релевантни фактори предупредуваа дека на изборите во 2004 година се прекршени изборните правила. Тој беше на чело на ДИК и кога Македонија беше осакатена со референдумот за територијална поделба. Неговиот минат труд граѓаните го паметат до денес. Со последните јавни настапи претседателскиот кандидат на СДСМ покажа дека има повеќе лица, кои, навистина, не му се од вчера.

Дали поради притисокот од далеку послабиот рејтинг во однос на Иванов, што го покажуваат сите релевантни анкети, или поради неможноста да ги прикрие многуте недостатоци, тој направи низа лоши потези со кои митот што во изминатиот еден и пол месец го создаваа партијата и опозициските мегафони за него како „вистински избор“ пукна како меур од сапуница.

„Човекот што зборува разумно“, како што го претставуваше СДСМ, прво имаше повеќе од неуверлив настап на ТВ-дуелот на кој целата јавност очекуваше конечно да ги чуе неговите противаргументи во однос на ставовите на неговиот главен конкурент Ѓорге Иванов. Впечатокот што го остави Пендаровски кај јавноста е дека нема ништо против ставовите на Иванов.

Откако не ја искористи шансата, а себеси се претстави под очекуваното ниво, се обиде да се врати во игра со „низок удар“ кон противникот правдајќи се дека немал ќеф да се соочува со Иванов, па сега сакал да се „пресмета“ директно со премиерот Груевски. Овој потег уште еднаш ја исфрли на површина неговата ароганција, која, како негативна човечка особина, не му оди во прилог во намерата да ги добие симпатиите на граѓаните. Од таа неразбирливо нелогична изјава на „човек што зборува разумно“, како Пендаровски, се наметнуваат повеќе прашања. Ако кандидатот на СДСМ нема ќеф да се пресметува со човекот што му е најголем конкурент за функцијата претседател, тогаш зошто воопшто се појави на дуел кој, во суштина, треба да претставува дискусија во која учесниците ќе ги спротивстават ставовите за одредени прашања? Ако навистина нема што да му каже, тогаш која би била поентата на уште едно или на повеќе такви јавни соочувања, како што бараат опозициските мегафони?

Ако навистина, пак, смета дека има што да му каже на Груевски и ако навистина мисли дека со него треба да ја води битката за власта, тогаш се поставува прашањето зошто Пендаровски лани не се кандидираше за претседател на СДСМ и зошто не се нафати да ја извади партијата од „живата песок“ во која тоне осум години. Самиот неколку пати призна дека уште минатата година партиските анкети покажале дека уживал голема доверба кај членството. Ако тогаш застанеше на чело на партијата, на овие избори ќе имаше можност да понуди противодговор на политиката на ВМРО-ДПМНЕ и да се соочи со Груевски. Зошто му ја препушти партијата на Заев, а сега сака да се пресметува со Груевски, знае само тој, но тоа би требало да го интересира и лидерот на СДСМ.

Оттука, изјавата на Пендаровски не може да се протолкува поинаку освен како лош обид да си наметне слика на храбар лидер кој, уверен во поддршката на народот, сам ја води опозицијата во конечна победа. Човекот што нудеше „нов вокабулар“ покажа дека во себе ја содржи сета ароганција што со години ја држи опозицијата таму каде што е – далеку од народот. „Предвесникот на една поинаква Македонија“, всушност, е само одглас на минатото кое е зад нас.

Раководството се загуби во својот галиматијас

Колкав галиматијас и конфузија владее во троецот Заев, Шекеринска и Пендаровски може да се види и од изјавите во кои претседателот и потпретседателот на партијата велат дека Пендаровски е натпартиски кандидат поддржан од сите граѓани и, наспроти тоа, од изјавите на Пендаровски според кои зад него стои партија. Иако во целата приказна овие изјави воопшто не се важни затоа што граѓаните знаат дека Пендаровски е кандидат на една мала група луѓе блиски на Заев и на Црвенковски, чудно е што најсилната опозициска партија паѓа на такви банални работи. Две сосема различни тврдења кај политичари од иста идеолошка и политичка матрица е потврда дека не само што сега имаат различна претстава за тоа што го работат туку и дека ако еден ден дојдат на власт Македонија ќе доживува слични дисторзии и за прашањата од највисок државен и национален интерес, кои можат да ја чинат скапо.

Имено, ако Пендаровски беше навистина храбар, ако сакаше пред народот да гради слика на натпартиски кандидат и ако навистина беше решен сам да ја води битката (како што сака да се прикаже пред јавноста), немаше да си дозволи кандидатурата за претседател да му ја поднесат 30 пратеници, туку ќе тргнеше по потешкиот пат и ќе ја побараше поддршката од најмалку 10.000 граѓани, дури и во случај СДСМ да му ги собереше потписите. Така, повторно во обид да биде „ни риба, ни девојка“, остави впечаток на калкулант кој го зборува и прави тоа што смета дека во моментот ќе му донесе најмногу поени со најмалку ризик и пот.

Во ист стил Пендаровски игра и при презентирањето на својот став за, можеби, најважното национално прашање во моментот – спорот за името. Кандидатот за претседател на СДСМ по ова прашање покажа голема флексибилност во изјавите обидувајќи се да избегне јасно презентирање на својот став. Додека, од една страна, форсира идеја за државен консензус, со која се отвора простор за рамковизација на името, од друга страна, одбива да се изјасни како планира да го реши проблемот.

Колку погрешни потези направи Пендаровски во првиот круг од претседателската трка и колку беше оправдана неговата тактика ќе видиме на 13 април. Резултатите ќе бидат јасен показател дали народот го прифаќа или го осудува неговиот однос кон гласачите. Граѓаните, а не партиските раководства, и овој пат ќе го имаат последниот збор затоа што тие ја имаат моќта да даваат и да земаат власт. Тие наградуваат, но и тие казнуваат.

(Пишува: Ненад Мирчевски | Фото: Ѓорѓи Личовски
Текст објавен во 84. број на неделникот „Република“, 11.04.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top