| четврток, 6 декември 2018 |

Пендаровски: Ако нема цензус ќе одлучат институциите

Доколку нема цензус на референдумот во недела, тоа значи дека одлуката оди во рацете на институциите – вели националниот координатор на земјава за НАТО, Стево Пендаровски.

Според него, расположението на граѓаните да излезат на референдумот и да гласаат позитивно се зголемува. Пендаровски вели дека во недела очекува јасна порака од граѓаните.

На еден ден пред крајот на кампањата, со став за референдумот се огласи и професорот Васил Тупурковски, кој во 90-тите години беше директно вклучен во разговорите. Според него, договорот со Грција е единствено реално решение, а во недела не треба да се водат партиски битки..

– Пред 27 години имавме сосема прифатлив предлог за решавање на проблемите во македонско – грчките односи. Шансата не ја искористивме. Сега Македонија и Грција создадоа заемно прифатливо решение. Да бидеме реални, ова решение е полошо, но после 27 години е единствено реално и евентуално подоброто нема да биде пронајдено после нови децении на трагање заедно со нови жртвувани генерации. Значи треба да го прифатиме договорот помеѓу двете земји – Тупурковски.

Кампањата за референдумот завршува во четврток на полноќ, кога практично започнува и пред референдумскиот молк. За разлика од изборните кампањи, кога е предвиден 24 часовен молк, молкот за референдумот е 48 часа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top