
Гласањето на претседателските избори во Соединетите Американски Држави помина со забелешки во конзулатите во Детроит и во Чикаго, каде што морал да биде отстранет Јани Хаџи Еленов, кандидатот за пратеник на Социјал-демократскиот сојуз на Македонија. На гласањето во саботата, Хаџи Еленов агитирал прво во конзулатот во Детроит, а потоа, во попладнето, и во Чикаго – јавува допсиникот на МИА, Цветин Чилиманов.
Тој на гласачите што доаѓале на избирачките места, им делел материјал за својата партија, што според избирачките одбори претставува кршење на одредбите за спроведување на изборите.
Според очевидци, во двата конзулати Хаџи Еленов бил замолен да престане со агитирањето, а откако одбил, било информирано обезбедувањето на зградите, а во случајот на Детроит дури и полицијата, по што кандидатот за пратеник на СДСМ си заминал. Ова нарушување на изборите влегло и во записниците од гласањето.
Инаку, гласањето помина со најголем одѕив во конзулатот во Торонто, каде што излегле 239 гласачи. Во Детроит од 285 регистрирани гласале 169 граѓани, а во Чикаго гласале 58. Највисок процент на одѕив имаше во амбасадата во Вашингтон, каде што од 40 пријавени гласаа 32 граѓани, додека во Отава гласаа приближно една половина од пријавените 27 гласачи.
Според неофицијалните резултати, на сите гласачки места убедливо победил кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ Ѓорге Иванов. Во Торонто, на пример, Иванов освои 219 гласа, наспроти само 15 за Пендаровски. Во Детроит Иванов освоил 150 гласа, а Пендаровски 14. Во Њујорк, Иванов има 109 гласа, а кандидатот на СДСМ – 18. Во амбасадата во Вашингтон, соодносот е 26 наспроти 6.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


