
-Ме нападнаа и се обидоа да ме фатат за врат, ама, за среќа, ги оттргнаа – тврди Радмила Шеќеринска, заменик-потпретседателката на СДСМ. Таа обвини дека ја нападнале пратеникот Амди Бајрам и неговиот син Елвис Бајрам.
– Јас сум пријавен набљудувач на изборниот процес, но во еден момент се насобра толпа луѓе во која беа Амди Бајрам и неговиот син и почнаа да викаат што барам јас тука. Всушност, правеа драма. Но, во еден момент ме нападнаа, ме фатија за врат, ама за среќа беа оттргнати – рече Шекеринска.
Наводно, Амди Бајрам ѝ рекол:
– Јас сум за тебе „кока-кола“, а ти си „кока-кола зеро“.
Амди Бајрам, пак, демантираше. Вели изјавите на Шеќеринска се лажни и дека таков инцидент не се ни случил.
Претставници на Државната изборна комисија изјавуваат дека веднаш заминале во Шуто Оризари на избирачкото место каде што се случил инцидентот и дека сите неправилности веднаш биле отстранети, а изборниот процес продолжил нормално да се одвива.
Сојузот на Ромите од Македонија соопшти дека на избирачкото место во ОУ „Браќа Рамиз и Хамид“ во општина Шуто Оризари Радмила Шекеринска од раните утрински часови е присутна како набљудувач на едно од избирачките места.
„Наместо да ги набљудува изборите од избирачкото место за кое има овластување, таа цело време агитира и ги слика гласачите и постојано се движи од едно во друго избирачко место за што нема никакво овластување и врши притисок врз членовите на избирачките места. Сметаме дека СДСМ ова го прави со намера за да испровоцира инциденти во општината каде со сигурност знае дека ќе ги загуби изборите со голема разлика”, соопштуваат од Сојзуот на Ромите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


