Третиот по ранг јужноамерикански состав, Чиле, е првиот противник на македонската репрезентација на светското ракометно првенство во Шпанија, а мечот ќе почне за час и половина, во 15,45 часот, во Севилја.
Противникот нема којзнае какво реноме во светот на ракометот, ова им е второ учество на СП, но не смеат да се потценат. Ја освоија бронзата на последното континентално натпреварување на Јужна Америка, зад Аргентина и Бразил.
Во дебито на светските првенства пред две години, Чиле забележа само едно реми против Словачка (29-29), а останатите 4 меча ги загубија со по 10 или повеќе голови разлика. Главни алки во составот им се браќата Фојштман, а ги има тројца. Најопасен е најмладиот Ервин, кој игра на позицијата лев бек. Тој настапува во Германија во нисколигашот Ошерслебен. Добри настапи во националниот дрес бележи и најстариот од триото браќа Фојштман, Емил, на централната бековска позиција. Сепак најсилен адут на Чиле е најпознатиот нивни ракометар, Марко Онето. Онето е кружен напаѓач и капитен на селекцијата што беше 22. на единственото учество на СП, пред две години во Шведска. Тој е член на унгарски Веспрем, а има настапувано и за славната Барселона. Традицијата, квалитетот и реномето се на наша страна, па се освен победа на Македонија би било вистинска сензација.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.