| четврток, 6 декември 2018 |

За првпат гласачите во Македонија ќе се бележат со видливо мастило

За првпат гласачите во Македонија ќе се бележат со видливо мастило. На гласачкото место, по оствареното право на глас, на граѓаните со маркер ќе им се обележува палецот на десната рака – по ивицата на подноктицата и ноктот. Трагата ќе трае 24 часа и нема да може да се избрише со алкохол, ацетон или други средства. Ваквата пракса е предвидена со последните измени во Изборниот законик и треба да оневозможи граѓанинот кој еднаш гласал, пак да се јави на избирачко место и да бара да гласа.

Избирачот кој нема да дозволи да биде обележан со видливо мастило нема да може да гласа. Мастилото е брзосушечко, антиалергиско и не е штетно по здравјето.

Околу 15.000 маркери за обележување на избирачите со видливо мастило набави Државната изборна комисија за претседателските избори.  Секој маркер може да се користи за најмалку 500 гласачи, а во составот на мастилото има 20 отсто сребронитрат и боја.

Одбележувањето на гласачите со видливо мастило не е вообичаена пракса во европските земји, а освен Македонија, Албанија користеше вакво мастило за обележување на избирачите на последните парламентарни избори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top