Во старата добра Прованса има поговорка која вели: Секоја лудница си има свој Наполеон.
Таа мултипликативност на карактерот Напеолеонов потсетува на можната дисперзивност на душата на одредени личности низ процесот на метампсихозата – теза изнесена од страна на Б. Бертолучи во неговиот филм „Малиот Буда“, каде што душата на починатиот тибетски лама се реинкарнира во три одделни личности – деца. Тоа е редок феномен, како феноменот на близнаците, тројките, четворките… и сè така, колку повеќе, толку поретко како манифестација.
Па, така, и Наполеон – ретка личност која во есхатолошките зони се атомизирала на стотици или можеби илјадници пооделни карактери, подобни на фабулозниот император. Без сомнение, подобноста е стремеж кон идентичност и иманенција, разликите, пак, се должат на просторно-временските аберации. Во еден совршено демократски свет наклонетоста би се сметала за припадност. Таа припадност би ја отстранувала скептичноста инстантно. Во свет без скептичност би се остварил единствениот општествен поредок без репресивни механизми.
– Браво, ваше величество! – ламентираше Жак Луј Давид – големиот француски класицист во акција пред големото платно. На дваесетина стопи од него, неговиот модел, Наполеон Бонапарта, едвај балансираше на едно коњско седло, фиксирано за дрвената четвороножна конструкција. Тестисите му беа притегнати од тесните панталони, ѕиврести и бели.
– Уф, Жак, баш е напорно ова позирање, барем да не беше „коњски портрет“.
Жак Луј Давид направи загрижен лик, но тоа што требаше да се стори – требаше да се стори, за Франција, за човештвото. – Но, ваше величество, сетете се на вашиот идол од детството, Алексаднар Велики и на неговите сјајни коњски портрети. Дури и неговиот коњ Букефал доби култно место во историјата на човештвото.
Н.Б. – Биковска глава, ако не се лажам?
Ж.Л.Д. – Токму така императоре, на грчки.
Н.Б. – Но, зар тој не беше Македонец со Грците, мислам на неговиот татко, Филип Втори, и конечно, зар Демостен не ги нарече варвари Македонците и закана за грчкиот начин на живеење?
Ж.Л.Д. – Сè е денес тоа Турција. Ни Грци, ни Македонци има на таа територија. Единствената дистинкција е религијата. Мислам на христијанската и муслиманската заедница.
Н.Б. – А еврејската?
Ж.Л.Д. – И еврејската, но нејзината бројност е минорна за партиципација во можниот судир на чија било страна.
Н.Б. – Конечно, Балканот е денес вон нашата сфера на интереси. Најпрво мораме да го обединиме цивилизираниот дел од Европа, а потоа ќе размислуваме за ориентот.
Ж.Л.Д. – Но, мој императору, ако ние не преземеме нешто со Балканот, Англичаните и Русите ќе го зајакнат нивното влијание таму, а ние ќе отпаднеме од играта како 13. прасе.
Н.Б. – Ах, мој Жак, тоа никако нема да се случи, бидејќи имам пеколен план, што толку ќе ги ангажира тука, во нивните епицентри, што никако нема да имаат дополнителни капацитети за колонијално дејствување. Денес Франција е најголемата цивилизација во светот и токму нашата татковина ќе биде мајата на новиот цивилизиран свет – франкофонскиот свет на добар вкус, здрав разум и функционален поредок. На новата и обединета Европа, на Европа на братските народи под водство на најпросветлениот француски народ!!!
Ж.Л.Д. – Vivе la Franсе!!!
Инаку, Наполеон Бонапарта е по потекло од Корзика – остров, чија популација се чувствува поинаку од Французите и каде што дејствуваат сепаратистички обиди во однос на Француската Република.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.