Европската куќа на фудбалот (УЕФА) сака да го заштити интегритетот на натпреварувањето и одлучи дека голманот на Атлетико Мадрид, Тибо Куртоа, ќе може да брани против неговиот матичен клуб Челси во полуфиналето од Лигата на шампионите.
По ждрепката за полуфиналните натпревари од Лигата на шампионите, во која силите ќе ги одмерат Атлетико Мадрид и Челси, во преден план излезе ситуацијата со феноменалниот белгиски голман.
Како што е познато, Тибо Куртоа е на позајмица во Атлетико Мадрид од редовите на Челси и при потпишувањето на тој договор е ставена клаузула во која тој нема право да брани против Челси во случај двата клуба да се сретнат во некое натпреваруње.
Во клаузулата стои дека Куртоа може да брани за Атлетико во случај ако клубот уплати шест милиони евра на сметката на Челси.
– УЕФА, како и дисциплинскиот правилник, се придржува на правилата за забрана на клубовите на кој било начин да влијаат на изборот на играчи кои противничкиот тим ќе ги изведе на теренот. Сите лични договори на играчот и клубот во овој случај се неважечки и не е во сила што се однесува до УЕФА. Какви било обиди за одредби или санкции ќе се сметаат како непочитување на УЕФА и Лигата на шампионите и ќе предизвикаат казни и санкции за клубот – соопштено е на официјалниот веб-сајт на УЕФА.
Информацијата добива на тежина по извршената ждрепка за полуфиналето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.