– Отпишувањето на долговите предизвика огромен интерес кај граѓаните, секаде каде што одиме приоѓаат, се распрашуваат и сакаат да знаат повеќе детали за мерката. Таа се однесува на најсиромашните категории граѓани, приметелите на социјална помош, семејствата во кои има по двајца невработени или ако живее сам еден невработен, кој е подолго од 12 месеци без работа, како и семејствата во кои поради смрт, тешка повреда или болест се променила материјалната состојба и не можат да ги отплаќаат обврските – истакна носителот на пратеничката листа на ВМРО-ДПМНЕ за четвртата изборна единица, Зоран Ставрески, при денешната посета на Струмичко.
Тој наглaси дека ќе се отпишуваат догови за струја што не се платени подолго од 12 месеци, а за тие што имаат долгови за помалку од 12 месеци, појасни дека ќе се договори репрограм да се плаќаат до осум години.
– Ќе бидат отпишани и долгови кон банките за тековни сметки, потрошувачки кредити и кредитни картички и ќе бидат отпишани долгови за радиодифузна такса и за парно греење. Така што со даночен кредит, односно ослободување на економските субјекти од плаќање данок, државата ќе им помогне на овие најранливи категории граѓани, кои беа погодени од овие години на криза да ја надминат состојбата, да куртулат од извршителите и понатаму да имаат подобри можности и подобра состојба во однос на плаќањето на идните обврски – додаде Ставрески.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



