
Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)
Што се случува кога човек во себе внесува храна повеќе одошто му е потребно?
Вишокот храна одигрува контролна драма во организмот. Наеднаш не по своја волја, човекот станува роб на масното ткиво.
Проблемот на прекумерната телесна тежина влегува на мала врата, а потоа станува еден од посигурните извори на приход на здравствените установи – државни, приватни, сеедно. Дали се полни буџетот или некоја друга каса, едно е сигурно – лошите навики што ги стекнуваат луѓето во однос на исхраната имаат психолошка природа, и така треба да се лекуваат.
Како воопшто човекот заталкал во слепата улица на дебелковците?
Еве што вели психологијата – кога внесува повеќе отколку што му треба, човекот компензира нешто. Што?
Страв.
Инстинктот за самоодржување е природен и тој налага да се стави нешто во желудникот колку да се преживее (Јадам за да преживеам).
Но, дебелиот е исплашен дека нема да преживее. Така, наместо да го задоволи апетитот, да ја утоли гладта, тој во своето тело создава тајни резерви на храна со кои би си ја обезбедил несигурната и неизвесна иднина. Од овој страв почнува приказната за брзата храна, нездравата исхрана, лошите навики и така натаму. Дебелиот ќе биде изненаден дека не само што преживеал, туку стравот не попуштил, напротив, по секое прејадување станува поголем.
Потоа, откако телото непропорционално ќе се зголеми, и ќе стане грдо, на сцена стапува естетиката, којашто му ги поматува сметките на здравјето. Демек, „не ми е важно како изгледам, важно да се чувствувам добро…“ и за кратко време на стравот му се придружуваат омразата и неподносливоста свртени кон себе. Ај да речеме другите не се важни, но дебелиот ниту себеси не смее да си признае дека се плаши од нешто. Поради стравот! Стравот е како едно неодредено чувство во заднината што демне при секој најмал обид за соочување. Да се видиш себеси во таков момент обично претпоставува дека на огледалото ќе биде исцртан графитот – Диета. Оние со нормален број килограми просто се кинат од смеење.
Ете го парадоксот – се плаши да си погледне себеси в очи – во огледалото на сопствената душа, каде што е востоличена љубовта. Тешко е да се пробие до таму низ наталожените масни наслаги.
Дали човечкото тело е генетски предодредена ДНК во чијшто запис, меѓу другото, е кодирана и оваа контролна драма на прејадувањето?
Или, што би рекле приврзаниците на теориите на заговор, можеби во денешнава храна освен пестициди, адитиви, емулгатори, засладувачи и подобрувачи на вкусот, ставаат и нано-чипови за внатрешно следење и создавање органска зависност од одредени видови храна што предизвикуваат дуење и несовладлива потреба за УШТЕ?
Која игра ја играат луѓето кога се прејадуваат?
Играта на стравот. Застрашувањето. Ќе се здебелам толку многу, што и стравот нема да ме сака.
Постои една прилично раширена предрасуда дека дебелите луѓе по правило се „добри“. Добрите луѓе заедно со храната ги голтаат и потиснатите чувства на гнев, омраза, срам, тага, страв и др. Емоциите кои настанале за да бидат изречени, биле потиснати.
Страв да се покаже чувството поради казната што следува. Условен рефлекс стар колку човештвото… Затоа, пред да се почне со пресметување на калориите, со измачувачки вежби кои уште повеќе ќе ја зголемат грижат на совеста, подобро да се изнајде начин како емоциите да се искажат наместо да „се голтаат“ сосе стравот. Можеби е совпаѓање, но зборот e-movere значи возбудување, покренување и најнакрај движење (кон надвор). Емотивниот запек е причина за прекумерната тежина.
Што се крие зад ненаситноста? Незадоволството. Стресот. Дебелиот ништо не може да го најаде бидејќи преку внесувањето храна во себе, тој прави симулација на вистинското задоволување. Во мигот кога ќе престане да јаде, тој повторно чувствува глад бидејќи незадоволството воопшто не се мрднало од место. Стресот и понатаму тресе. Гладта симулира, но незадоволството не.
Лек?
Повеќе порции љубов кон себеси.
Па, како сега да се справиме со оваа и повеќе од очигледна контрадикција? Нели себељубието беше пречка број 1 на патот кон алтруизмот? Кој е тука добар, кој грд, а кој будала? Само лош математичар може да ја превиди оваа равенка што просто боде очи: не можеш да ги сакаш другите, ако не се сакаш себеси.
Или: не можеш да бидеш алтруист ако не си добар егоист. Понекогаш да бидеш егоист значи да си посветиш себеси доволно време за нега на својата душа којашто плаче за љубов. Душата е љубов, но не е извор на љубовта. Затоа кога „немаме“ љубов и забораваме каде е изворот, правиме замена и се задоволуваме со хамбургер и „кока-кола“.
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


