| четврток, 6 декември 2018 |

Почнува изборниот молк, в недела избираме нов претседател

Novi-sliki-glasanje-14

Почнува изборниот молк еден ден пред гласањето за нов претседател на Република Македонија. Според одлуката на ДИК, дводневен прекин ќе има и кампањата за предвремените парламентарни избори.

Првпат оваа година на претседателските избори ќе има можност да гласа и дијаспората. Македонските државјани кои работат или престојуваат во странство, а кои се пријавиле за гласање, како и внатрешно раселените лица, затворениците, болните, изнемоштените, војниците и оние во домашен притвор ќе гласаат утре, еден ден пред изборите.

Граѓаните в недела својот глас ќе можат да го дадат за четворицата кандидати.Право на глас, според единствениот избирачки список, на петтите избори за претседател в недела имаат еден милион 779 илјади и 572 избирачи. Во посебните изводи на избирачи кои се наоѓаат во изводите на гласање се запишани еден милион 707 илјади и 228 гласачи. Вкупен број избирачи кои се на привремена работа и престој во странство се 70.305, а од нив право на глас имаат 8.332, кои се пријавиле за гласање. Во ИЕ 7 (Европа и Африка) се пријавени за гласање 5.892 македонски државјани, во ИЕ 8 (Северна и Јужна Америка) – 1.426 и во ИЕ 9 (Австралија и Азија) – 1.014. Во средата во ДИК гласаа и 294 члена на избирачките одбори кои ќе ги спроведуваат изборите во дијаспората.

В сабота ќе гласаат и 1.706 затвореници, 39 внатрешно раселени лица, како и болните и немоќните лица.

Гласањето в недела, кое ќе почне во 7 и ќе заврши во 19 часот, ќе се спроведува на 3.480 избирачки места во Македонија и 34 во дијаспората. Оваа година бројот на избирачките места во земјата е зголемен за 504 имајќи ги предвид измените во Изборниот законик според кои во едно гласачко место не смее да има повеќе од 1.000 избирачи.

Претседателските избори ќе ги следат 8325 домашни и 326 странски набљудувачи.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top