
Сите заедно енергијата да ја насочиме во борба за отворање нови работни места, сите заедно со претседателскиот кандидат Ѓорге Иванов, заедно со сите луѓе во коалицијата, заедно со народот да се бориме да ги решиме проблемите на луѓето, повика вечерва на митингот во Битола, лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Груевски.
– Да отвориме нови работни места, да донесиме нови инвеститори, да помогнеме на земјоделците, на младите да се вработат и да имаат подобри услови за живот и затоа неразбирлива е целата деструктивна енергија кај нашите политички противници, истакна Груевски.
Кога СДСМ беше на власт, потенцира, секогаш невработеноста растеше. Во 1992 година кога СДСМ дојде на власт, потсети Груевски, невработеноста беше 18 проценти, а кога во 2006 година ние дојдовме на власт, подвлече, тие ни оставија 38 проценти невработеност.
– Тие ја зголемија невработеноста за 20 процентни поени. Во овие 7,5 години, и покрај тешките удари од светската финансиска криза и европската должничка криза, со падови на исплата во буџетот заради намалениот приход, заради намалениот број на инвестиции успеавме невработеноста да ја намалиме за 10 процентни поени односно од 38 на 28 проценти. Не велам дека тоа е доволно, но под такви околности во време кога сите други земји отпуштаа од работа, без работа остануваа илјадници луѓе, во Македонија не само што не дозволивме масовно отпуштање од јавната администрација, туку помогнавме со многу акции како што на пример во неколку наврати зедовме кредитни линии од надвор ги субвенциониравме каматите, се користеше субвенционирана камата, се создаваа услови за фирмите да станат конкурентни, да опстанат и да ги задржат луѓето на работа. Тоа беше нашата визија, тоа беше нашата стратегија, рече лидерот на ВМРО – ДПМНЕ.
И во новата програма, потенцира Груевски, ветуваме дека ќе имаме нова кредитна линија од 100 милиони евра што ќе овозможи нови вработувања со поволни кредити и со многу даночни намалувања.
– Парите наместо во буџетот, фирмите ги задржаа кај нив и со тие пари ги задржаа луѓето на работа, но и примија нови. Тоа е ВМРО-ДПМНЕ, тоа е нашата економска политика, рече тој.
Во Македонија, не само што не дозволивме масовно отпуштање од јавната администрација, туку, рече Груевски, помогнавме со многу антикризни мерки приватниот сектор да не ги отпушта луѓето.
Една од тие мерки, како што рече, се кредитни линии од надвор, ги субвенциониравме каматите да не бидат повисоки од 5,5 отсто и сите фирми користеа од оваа камата.
– Пред кризата каматите беа повисоки од 5,5 отсто. Беа шест, седум, а некои дури и повисоки. Сите очекуваа дека кога почна кризата каматите ќе одат на 10-15 отсто. Кога е времето тешко не само што треба да се задржи каматата, треба да биде и пониска за да можат фирмите да бидат конкурентни, да опстанат и да ги задржат луѓето на работа. Тоа е нашата визија и тоа беше нашата стратегија, потенцира Груевски и додаде дека ќе продолжат во оваа насока.
Сите вие што работите во приватни фирми, порача тој, треба да знаете дека работите затоа што тие фирми опстојуваат, а опстојуваат зошто им се помогна од страна на државата, со евтини камати, со поволни кредити и ги задржаа луѓето на работа. Примија и нови. – Тоа е ВМРО-ДПМНЕ, тоа економската политика и тука има разлика, рече Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


