Добровечер Битола!
Добровечер Македонијо!
Добровечер за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија!
Добровечер за премиерот Груевски,за министрите,
Добровечер за тимот на Милошовски, кандидати за пратеници!
Неодамна бевме кај вас, ви го поднесовме отчетот,ви кажав дека она со што ја добив вашата доверба, пред пет години, мојата програма, целосно е остварена и затоа ви поднесов отчет.
Сега доаѓам со нова програма. Во неа се 20-те столбови на мојата програма. Сите ставови кои ги имам во однос на државата. Која е мојата визија за Македонија и како ја гледам Македонија во следниот мој мандат, доколку ја добијам вашата доверба.
Во отчетот видовте дека институциите во Македонија можат да соработуваат. Не само што можат, туку и треба да соработуваат, а не да се конфронтираат како во минатото. Покажавме дека заедно кога работат институциите, граѓаните тоа го чувствуваат. Се чувствуваат придобивките, кога се работи како тим. Затоа работевме како тим. Јас како Претседател, премиерот Груевски и министрите, но и пратениците, и советниците и градоначалниците. Затоа се менува Македонија. Кога се работи тимски се работи посветено. Со цел. Целта е да ја видиме успешна и просперитетна Македонија.
Имаме успеси. Се гледаат и се чувствуваат. Нема област од секојдневниот живот, каде што нема некоја промена. И кај пензионерите, и кај земјоделците, и кај учениците, и кај студентите, секаде се чувствува промена. Но, има уште многу, многу за работа. Затоа постои потреба од нов мандат, за тимот да продолжи да работи. Недела е ден на избори. Ме слушнавте и мене, ги слушнавте и противкандидатите. Ваше е да изберете. Вие носите одлука, како ќе изгледа Македонија во следните години. Дали ќе продолжи соработката со институциите, дали ќе постои тимска работа, дали ќе постои заедничка цел, просперитет во Македонија, или повторно ќе имаме конфронтирање, блокади, докажувања, самобендисаност, лични интереси.
Пред вас е тим со интегритет. Тим составен од луѓе, со докажани вредности. Со постигнати резултати. Пред вас се луѓе, кои го исполнуваат дадениот збор. Луѓе со принципи кои ги носат одлуките и во животот и во политиката. Затоа и ви кажав, кои се моите животни принципи, тоа се принципите и на тимот. Ние сме чесни луѓе, искрени луѓе и вредни луѓе. И затоа постигнуваме резултати. И затоа имаме образ повторно да доаѓаме, и повторно да бараме доверба. Тоа ни дава самодоверба да носиме храбри одлуки. Одлуки кои се во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Нашиот тим е одговорен. Како функционери избрани од граѓаните, одговорно работиме за да ја добиеме довербата од граѓаните. Ја добиваме затоа што работиме за добро и зашто секој има корист. Тоа го работиме и на внатрешен план, но и на надворешен план. Сите ставови кои сме ги зазеле како државен врв, се ставови на Република Македонија. Не е како порано, еден глас да има претседателот, друг премиерот, трет министерот. Е тоа е државно единство. Затоа градиме единство на државниот врв. Сите ставови ги носиме преку согласувања и договор. Преку разговор и доаѓање до она што е од заеднички интерес за сите раѓани на Република Македонија.
Затоа го подигнавме достоинството на Република Македонија. Македонија денес е почитуван партнер и во меѓународната заедница и во регионалните проекти. Македонија е почитувана, затоа што секогаш стоиме на нашиот збор и на нашите ветувања. Се покажавме како искрен партнер и во НАТО и насекаде каде што Македонија зема свој удел.
Ништо на овој свет не доаѓа само по себе. Работиме напорно, работиме со принципи, и затоа добиваме признанија.
Но, едно прашање особено не преокупира. Ни го оставија во наследство некои други, неодговорни политичари. Успеавме, заедно со тимот што го предводеше Антонио Милошевски, како министер за надворешни работи, да докажеме, со пресудата на Меѓународниот суд дека водиме исправна политика. Таа пресуда кажа дека Македонија постапува вистински, постапува праведно. Тоа е потврда дека сме на вистинскиот пат и дека мора да истраеме. Пресудата кажа дека Македонија може да си го користи своето име во обраќањето со другата страна и со другите земји. Никој не може да не спречи сами да не си го користиме своето име. Иако имаме и такви обиди. И затоа во мојата програма јасно стои: не прифаќам промена на Уставот, за промена на уставното име. Нити прифаќам идеи, иницијативи, кои се спротивни на интересите на граѓаните на Република Македонија, кои посегаат по нашиот идентитет, нашиот јазик и нашиот модел на соживот. Затоа што сите сме Македонија. Затоа се граѓаните тие што носат одлуки по такви прашања.
Има ли поголема потврда за нашата посветеност, за овие изминати години од добиената либерализација за нашите граѓани? Има ли поголема потврда од петте позитивни извештаи и петте препораки за почеток за разговори за членствово Европската унија? Има ли поголема потврда за нашиот удел во сите мисии на НАТО? И пофалбите што ги добиваме за учеството на нашите војници во тие мисии во кои се поканети. Но, тоа е постигнато со труд, посветеност и со љубов кон Македонија.
Знаеме дека нашиот јужен сосед има проблем со нашето име и ни го попречува европскиот и евро-атлантскиот пат. Но исто така знаеме дека македонските и грчките граѓани соработуваат. Македонските и грчките стопанственици немаат никаков проблем да водат заеднички бизнис, барем тоа вие во Битола го знаете.
Доаѓаат млади луѓе, се надеваме дека ќе има промени и кај нашиот јужен сосед. Младите луѓе имаат едно нешто заедничко. Сакаат да живеат во мир и во благосостојба. Младите луѓе сакаат вработување, младите луѓе сакаат просперитет. И затоа најголем дел од мојот мандат беше посветен на младите. Правев се да им овозможам на младите да успеваат во Македонија. Многу млади луѓе имаме кои се успешни. И затоа имам и неколку битолчани во мојот Кабинет. Се покажале и се докажале и стигнале да бидат во Кабинетот на Претседателот. Многу млади битолчани има секоја година на Школата за млади лидери. Тоа е доказ дека стекнале образование и можат да се натпреваруваат со најдобрите. Многу битолчани сум сретнал како успешни луѓе насекаде кога одам низ светот. Многумина се иселиле и бараат да се вратат. Знаат дека дома си е дома. Знаат дека се создаваат услови да се успее и во Македонија. Да се води бизнис во Македонија, да се биде на универзитет во Македонија, да се биде на клучно место. Така имате и со вашиот сограѓанин Иво, кој е пример како треба младите да се посветат на својата држава, на својот народ.
Почитувани граѓани,
Имавме многу реформи, донесовме многу закони, тоа го правиме за доброто на граѓаните, но пред се за младите. Ќе продолжиме со ист интензитет, ќе продолжиме да работиме за секого во оваа држава. Ќе продолжиме врз основа на потребите на нашите граѓани. Затоа граѓаните ни веруваат. Сите ваши потреби, сите ваши барања, се дел од програмата на Владата. И владата затоа има илјадници проекти кои ги остварува и за кои дава отчет. Затоа и новата програма на Владата има илјадници проекти кои потекнуваат од вас, од граѓаните. За нив ќе збори повеќе премиерот Груевски. Но за сето тоа треба и политичка поддршка. На сето тоа треба да се овозможи да проаѓа во Парламентот, и согласноста да доаѓа на крајот од Претседателот.
Затоа се работи тимски, се работи за Македонија!
Тоа го правиме затоа што изборот ни е Македонија!
Сето тоа го правиме затоа што Македонија ни е пред се!
Сето тоа го правиме затоа што државата ние е пред се!
Да живее Битола и битолчани!
Да живее Република Македонија!
Одиме во двојна победа,двојна победа за Македонија!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.






