Властите на Тунис соопштија денеска дека покренале меѓународна донаторска кампања со цел од пустинскиот песок да се спаси познатиот филмски сет од научно-фантастичниот серијал „Војна на ѕвездите“.
Фиктивниот град Мос Еспа, роден град на главниот јунак на приказната за џедајот Анакин Скајвокер (Дарт Вејдер), сместен во Онг Џмел во јужен Тунис, веќе во голема мера е затрупан со песок.
Туниското Министерство за туризам заедно со неколку здруженија покрена кампања „Да го спасиме Мос Еспа“, со цел да се соберат околу 137 илјади евра за реставрација на оваа локација, која е користена за снимање на четвртата епизода на популарниот серијал – „Нова надеж“.
Туниската Влада издвои 160 илјади динари за почеток на работите, додека остатокот од парите треба да бидат обезбедени со донации. Собраните средства ќе овозможат филмскиот сет да се сочува во следните десет години.
Сателитските снимки покажуваат дека песочните дини напредуваат со просечна брзина од 15 метри годишно. Од исклучителна важност за домашното стопанство, туризмот на Тунис е сериозно погоден од турбуленциите, кои следеа по револуцијата во 2011 година.
Со враќање на политичката стабилност оваа северноафриканска земја оваа година очекува доаѓање на седум милиони туристи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


