| четврток, 6 декември 2018 |

Романите на Старова, Лафазановски и Костадиновски ќе се преведуваат во Русија, Полска и Германија

Министерството за култура годинава за прв пат објави конкурс за финансирање преводи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската литература на другите странски јазици.

-Објавувањето на Конкурсот кој е отворен во текот на целата година и кој предизвика исклучително голем интерес кај странските издавачи претставува една од најкрупните реформи преземени во областа на издавачката дејност.Нашите анализи укажаа дека на годишно ниво многу малку странски издавачи преведуваат дела на автори од Република Македонија не поради фактот што нашето творештво не заслужува внимание туку поради економската поддршка која издавачите ја добиваат од европските земји кои го применуваат овој модел. Токму затоа, објавувањето на овој конкурс го предвидовме како една од приоритетните активности предвидени во Националната стрaтегија за развој на културата за периодот 2013-2017, велат од министерството.

Стручната комисија по разгледувањето на пристигнатите пријави одлучила да ги поддржи проектите на: Издавачката куќа „ТОЧКА“ од Полска, за превод на книгата „Храпешко“ од Ермис Лафазановски на полски јазик; издавачката куќа „РУДОМИНО“ од Москва, Руска Федерација, за превод на делото „Патот на јагулите (водена пирамида)“ од Луан Старова на руски јазик, издавачката куќа „РУДОМИНО“ од Москва, Руска Федерација, за превод на делото „Храпешко“ од Ермис Лафазановски на руски јазик  и германската издавачка куќа „ЛИТЕРАТУР АТЕЛИЕР“ од Келн, Германија, за превод на делото „Трите века“ од Саво Костадиновски на германски јазик.

Според авторите чии дела ќе бидат преведени, Ермис Лафазановски и Луан Старова, ефектот од објавувањето на овој конкурс ќе биде повеќекратен и со сигурност ќе обезбеди поголем пласман на македонската литература во странство. Со овој проект Република Македонија ќе биде во чекор со големиот број на европски земји кои веќе ја применуваат практиката за поддршка на преводи која во последните години е тренд и која несомнено е стабилна и контунирана афирмација на културата на една земја. Новите преводи ќе бидат придобивка за многу генерации, како трајна вредност, како голем влог во промоцијата на нашата култура во Европа и светот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top