Според извори на „Република“, најавата дека Јакимовски би можел да се кандидира за градоначалник на Карпош дошла уште на Извршниот одбор на СДСМ одржан на 14 февруари вечерта, кога на партискиот состанок дошло до караница во која најгласен бил Јакимовски, кој директно го нападнал лидерот Црвенковски за погрешната политика во која ја втурнал СДСМ.
Изворите на „Република“, кои се добро упатени во случувањата во најголемата опозициска партија, тврдат дека дебатата била отворена и многу остра, а на моменти дури говорниците користеле и лични навреди.
Лидерот Црвенковски бил видно вознемирен од несогласувањето на дел од присутните и притоа ги убедувал партијата да издржи уште десетина затоа што, според него, кога странскиот фактор ќе увиди дека не може да излезе на крај со СДСМ, целиот свој притисок ќе го насочи кон владејачката партија.
Изворите на „Република“ тврдат дека Јакимовски коментирал дека е тоа погрешна тактика и дека тој што го познава добро Груевски знае дека премиерот лошо реагира на притисок, при што место кооперативност, може да се јави контра-ефект, што странците досега неколку пати го согледале.
Градоначалникот на Карпош и претседател на скопската организација на СДСМ остро реагирал и на одлуката за оставка на пратениците, при што побарал и Црвенковски да се откаже од највисоката пензија во државата и да ги сподели проблемите на пратениците.
Црвенковски на тоа одговорил дека по оставките пратениците ќе добијат апанажа и цела година ќе бидат обезбедени финансиски, додека за неговата пензија рекол дека е подготвен да ја пренасочи кон партиската каса, на што Јакимовски викнал „ А од што ќе живееш, или тебе тоа ти е средено“ , алудирајќи на шпекулациите дека Црвенковски нема финансиски проблеми и дека во јавноста само глуми жртва.
Според изворите на „Република“, за целото време на караницата на Извршниот одбор на СДСМ Јакимовски имал вербална поддршка од Заев, иако струмичкиот градоначалник постојано изјавувал дека ќе ја поддржи партиската одлука каква и да е. Според Јакимовски, ваквиот развој на настаните неминовно водел до маргинализирање на партијата.
Иако на некои членови на раководството им се колнел во најблиските дека нема шанса да се кандидира, Јакимовски одлуката за тоа ја реализира на 16 февруари. Исто како и Јакимовски, и Зоран Заев бил целосно подготвен за кандидатура во случај тоа да го направат колегите во Карпош, Охрид и во Куманово, но не сакал тој да биде првиот што ќе го направи тоа.
(продолжува во 8 часот и 45 минути)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.