Директорот на Агенцијата за млади и спорт Марјан Спасески денеска во просториите на АМС ги прими јуниорските репрезентативци на Македонија по повод пласманот на ЕП во Австрија во ракомет. Спасески им го честиташе големиот успех на репрезентативците и селекторот Зоран Петковски и истакна дека по десет години апстиненција од европските првенства ја направиле горда цела држава со трите квалификациски победи над Италија, Грција и Исланд.
– Младите надежи на Македонија потврдија дека ракометот оди во вистинска насока и со три победи покажаа како треба да се брани националниот дрес. Успесите на кадетите, на клубовите и на јуниорите покажаа дека ракометот е спорт број еден во државата. АМС ќе продолжи со помош во младинските категории со цел од овие играчи се изгради сериозна сенироска репрезентација во иднина наследувајќи ги Пепи Манасков, Кире Лазаров, Наумче Мојсовски, Филип Миркуловски, Петар Ангелов и сите останати кои со успех ја претставувале нашата земја – изјави директорот Спасески и посака одличен настап на ЕП и борба за медал.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.