| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба во Музеј на град Скопје на јапонски урбани проекти од 60-тите години

muzej-na-grad-skopje

Во Музејот на град Скопје вечер ќе биде отворена изложбата „Градови што се борат со урбанизмот: од јапонските урбани проекти во 60-тите години на минатиот век“. Музејот ја организира изложбата во соработка со Јапонската фондација и Амбасадата на Јапонија во Виена. Изложбата е патувачка, креирана од архитектот Наохико Хино и во Скопје ќе остане до крајот на месецов.

– Како појдовна точка ги зема разновидните експериментални идеи за градовите што процутеа во Јапонија во текот на 60-тите години. Изложбата  ги презентира истражувањата преку кои се преиспитуваат разновидните околности, како во  јапонските, така и во  други градови во светот од 1960 година сè до денес, при што особено се внимава на идентификувањето на  дистинктивните аспекти на околностите манифестирани во денешно Токио. Покрај претставувањето на „Планот за Токио  -1960 година“ на Кензо Танге, раритет на изложбата е претставувањето на оригиналната макета од урбанистичкиот проект „Градови во воздух“ на легендата на светската архитектура Арата Изосаки – соопштија од  Музејот на град Скопје.

На изложбата се посочени неколку урбанистички планови, кои биле спроведени на некои места во светот, меѓу кои од особен урбанистички интерес се Бразилија на Лусиу Кошта, главните градови на Македонија и на Нигерија по проекти на Кензо Танге и Чандигар во Индија на Ле Корбизје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top