Денеска напладне на штандот на „Просветно дело“ и „Детска радост“, а во рамките на Саемот на книга, ќе биде промовиран романот „Јавачот на божилак“ на најтиражниот македонски писател за млади – Горјан Петревски.
Станува збор за топла, емотивна и хумана приказна за 14-годишната Божана, која мајка ѝ од милина ја вика Цутинка. Божана проекциите на својот младешки и полетен дух ги реализира пишувајќи и цртајќи, бидејќи е хендикепирана и зависна од својата инвалидска количка. Чувствата, желбите и амбициите на Божана и на нејзината мајка и нереализирана писателка Стефанија, Петревски ни ги открива преку паралелните дневници кои ги проследуваме на страниците на овој роман. И додека Божана го сонува својот принц – „Јавачот на божилак“, мајка ѝ е опседната со помислата дека нејзиното девојче е тажно и осамено. Ведрина внесува најдобрата другарка на Божана – Ханка, која е непоправлив оптимист и верува дека со операција во Франкфурт, Божана може да застане на нозе. Дали Божана ќе ја дофати светлината на крајот од тунелот и ќе го најде „Јавачот на божилак“, останува на читателите да откријат.
Промотор на романот е Татјана Димовска – Атанасова – дипломиран филолог по општа и компаративна книжевност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.