Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски од вечерашниот митинг во Дебар го повика лидерот на СДСМ Зоран Заев доколку е толку сигурен дека ќе биде премиер веднаш да си поднесе оставка на градоначалничката функција.
– Му порачувам на Заев ако толку е сигурен дека ќе биде премиер нека си поднесе оставка уште веднаш од градоначалничката функција, рече Груевски.
Народот, според него, знае да процени и нема да потпадне на манипулациите на луѓето од СДСМ што се претставуваат за нови лица и се самопрогласуваат за премиери.
– Го гледам Заев си се прогласи човекот за премиер. За да бидеш премиер треба народ да те изгласа. Не е доволно Радмила и Стево да ти ракоплескаат на митинг. Треба народот да гласа за тебе, треба да ти веруваат луѓето. Треба да имаш нешто зад тебе оставено. Го потценуваат народот и затоа губат на избори, рече Груевски.
Така, според него, ќе биде и овој пат на 27-ми април.
– Го слушам вика кога ќе дошол за премиер ќе ги врател парите на народот. Па видовме во Струмица како ги враќа парите на народот. На струмичани им ги врати на стрина му, на стрико му, на братучедите, на татко му…што убаво им ги врати парите. Струмичани не беа доволно свесни додека не излегоа работите, сега кога излегоа работите, сега да излезе он да се кандидира за градоначалник ќе му вратат они ама нешто друго, а не да им вика дека ќе им ги врати парите. Замислете сега тој човек што така ги враќал парите, да му се даде шанса да го раководи државниот буџет. Па кога ќе почне да враќа пари на роднините, пријателите на пратениците на СДСМ, нема да знаат каде да ги стават вратените пари. Ќе почнат да отвораат фирми низ Дебар, Струга, Охрид…да вратат, луѓето треба да вратат, рече Груевски.
На митингот пред дебрани, Груевски потенцираше дека Заев избегал од изборите и изборните листи, но му порача дека нема да може да избега од поразот.
– Велат дека изборите биле алатка за враќање на државата кај граѓаните. Тој избега од изборните листи ама нема да може да избега од пораз овојпат. И кога станува збор за граѓаните сакам да му одговорам дека граѓаните ја имаат државата и ја чуствуваат преку илјадниците мерки кои ги правевме до сега во овие години за народот. Ќе ја имаат и преку оние мерки што сега ќе ги правиме во новата програма „Проверено“, додаде Груевски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека неговата Влада наследи држава со многу проблеми и ветувања, а нула реализација. Во транзицијата, рече тој, СДСМ ги распродаде претпријатијата на своите олигарси.
– Ме прашуваат што значи слоганот „има разлика“ – со примери ќе објаснам. Тоа значи дека во времето на СДСМ пензионерите никогаш не се сеќаваат дека им се зголемени пензиите. Само знаат еднаш дека им одземаа осум посто. Со доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт има само зголемување на пензиите. Просечната пензија се зголеми за 62 отсто. Најниската пензија се зголеми за над 70 проценти, а највисоката за 46, во период од 7,5 години, рече Груевски. И затоа, додаде тој, пензионерите сега на нас ни веруваат кога им кажуваме дека секоја година ќе им ги зголемуваме пензиите за 5 посто или вкупно 21,5 за четири години.
Посочи на намалување на невработеноста во изминатите години и покрај економската криза, на влезот на странските инвестиции во земјата, на компании кои вработуваат на пример 4.100 луѓе како Дрекслер и Мае, Џонсон Мети, Џонсон Контрол и други компании.
– Работите се движат во една правилна насока. Главната цел на работењето на ВМРО-ДПМНЕ е отворање на нови работни места, рече лидерот на партијата.
ВМРО-ДПМНЕ е партија која што се грижи за сите граѓани на Република Македонија, рече тој на митингот, и не ги делиме граѓаните ни по вера ни по етникум ни по социјална положба. – За нас секој граѓанин е важен и сите проекти што ги правиме се за да помогнеме на сите, мерките што ги преземаме треба да им помогнат на сите граѓани, рече тој.
Ние, додаде Груевски, сме политичка партија што не чека да дојдат избори, одиме меѓу граѓаните, на трибини, посети на различни населени места и градови. – Битно е да сме постојано во контакт со граѓаните и колку што може да решаваме од проблемите на граѓаните. Тоа е една од разликите што ги имаме со СДСМ. Втора значајна разлика е што ние никогаш не ветуваме дека ќе ги решиме сите проблеми. Сакаме тоа што ќе го ветиме да го исполниме и ние сме познати по тоа дека држиме до зборот. Но тоа не значи дека нешто не сме погрешиле некогаш, рече тој.
Груевски пред дебрани посочи дека програмата на партијата содржи 2.046 проекти.
– Бидејќи ние сме партија што не сака да си го лаже народот решивме и овојпат како и секогаш пола од проектите да ги тргнеме од програмата и на луѓето да им го предложиме тоа што е можно да се заврши и за што очекуваме дека ќе има буџет во наредните четири години, истакна Груевски.
Обраќајќи се пред дебрани носителот на листата во ИЕ 6 Никола Поповски рече дека ВМРО – ДПМНЕ работи посветено и оти така и ќе продолжи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.