На вчерашниот голем митинг на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, на плоштадот „Македонија“ во Скопје, официјално беше промовирано дека Социјалдемократската унија стана дел од коалицијата. СДУ денеска преку соопштение ги наведе причините поради кои партијата решила да биде дел од овој тим на претстојните предвремени парламентарни избори:
Во моменти кога геостратегиските интереси на големите светски сили почнуваат да се реализираат и во реалноста, односно во моменти кога се прекројува картата на Европа, на Република Македонија, држава што има отворени прашања со соседите акцентирајќи го наметнатиот проблем од Грција, кој е пречка за наша евро-атланска интеграција, најмалку од сè во овие историски моменти ѝ е потребна политичка турбуленција и нестабилност.
СДУ, како сериозна политичка партија, согледуваќи ја оваа ситуација и реалната опасност што ѝ се заканува на Република Македонија од овие надворешни случувања, а не занемаруваќи ги и внатрешните закани, кои во комбинација со надворешните се огромна опасност по опстанокот на државата, излезот го гледа во окрупнување на сите слободномислечки граѓани, невладини здруженија, синдикати и политички партии околу, во овој момент единствениот стратешкиот интерес на Република Македонија а тоа е зачувување на територијалниот интегритет и суверинитет, мултиетничкиот и мултиконфесионалниот соживот како и одбрана на Македонскиот идентитет кој е сериозно нападнат.
СДУ согледуваќи ја досегашната работа на претседателот Ѓорге Иванов и Владата на Република Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ по овие стратешки прашања, не занемаруваќи ги и останатите позитивни резултати како раздвижувањето на економијата, земјоделието, здравството, социјалната политика, донесе одлука безрезервно да го поддржи кандидатот за претседател на Република Македонија Ѓорге Иванов и владеачката партија во намера да освои стабилно мнозинство се со цел за поефикасно справување на предизвиците кои и престојат на Република Македонија.
Трите столба безбедност – развој – демократија на нашата изборна платформа насловена како „Реформска СДУ“ се застапени во изборната програма на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Повеќе наши приоритети и проекти се составен дел на истата и СДУ како дел од коалицијата „За подобра Македонија“ во наредниот четиригодишен мандат на Владата на Република Македонија ќе ја има можноста за нивна реализација во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Воедно, ги повикуваме сите слободноумни граѓани и организации да се обединат околу оваа цел и ја дадат поддршката на коалицијата „За подобра Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, која во моментов е единствената сериозна политичка сила.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.