
Економски развоен бум со 100.000 работни места во наредните четири години, интензивни рурални политики со основање на македонски генекс , односно државна компанија за извоз, „лекување на белата чума“, зајакнување на мултикултурното општество и интеркултурализмот, владеење на правото и правната држава, целосна слобода на изразувањето и слобода на медиумите и целосно комплетирање на НАТО и ЕУ интеграциите се проектите и приоритетите во изборната програма на политичката партија Коалиција за позитивна Македонија за предвремените парламентарни избори.
Коалицијата на Алијанса за позитивна Македонија и Партија на обединетите пензионери и граѓани на Македонија на денешната конвенција во Универзалната сала ги претстави изборната програма и 120 кандидати за пратеници во шесте изборни единици за предвремените парламентарните избори. Љупчо Зиков ја предводи листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за позитивна Македонија во ИЕ 1, Владо Бучковски во двојката, Илија Николовски во тројката, Дане Јованов во ИЕ 4, Игор Камбовски во ИЕ 5 и Џевдет Хаљими во ИЕ 6.
Љупчо Зиков, претседателот на АПМ, во своето излагање го спомна иселувањето на младите од Македонија и дека КПМ има јасна цел да го запре ова иселување.
– Македонија не може повеќе да чека пред портите на ЕУ. Со силен економски развој во брзи чекори ќе се погрижиме да се запре иселувањето и да се отворат нови работни места. Еден од приоритетите ни е вработување на 100.000 граѓани во првите четири години, од кои 30.000 само во првата година. Со државната компанија за извоз, македонскиот генекс, ќе ги откупуваме производите на нашите земјоделци и ќе ги пласираме во светот – кажа Зиков.
Владо Бучковски кажа дека Коалицијата ќе се бори на 30те проценти неопределени граѓани да им понуди алтернатива. Минчо Јорданов, еден од основачите на АПМ, кажа дека поделеноста на црни или бели, десни или леви и делбата помеѓу етнички групи не дозволува граѓаните да дојдат до свој став којшто не е ниту за едните ниту за другите и дека поради тоа оваа партија се појавила на политичката сцена, за да понуди обединување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


