| четврток, 6 декември 2018 |

Маркови кули – древниот чувар на Прилеп

Kарпите што го сочинуваат ова кале се вистинско ремек-дело на природата,ниту вајар виртуоз не би можел да ги изваја прекрасните, грандиозни карпи во различни форми, лоцирани на височинки и мали платоа, па чиниш во секој момент можат да се придвижат

Тврдината Маркови Кули го претставува некогашниот средновековен град на легендарниот владетел Крале Марко. Големата тврдина се издигнува над Прилеп, еден од најстарите градови во нашата земја, кој бил и главен град на средновековното кралство на кралевите Волкашин и Марко и место каде може да се почувствува духот на средновековната ера. Од сите планински масиви, само прилепскиот комплекс претставува посебен раритет како природно-научна вредност. Поради тоа овој масив е единствен локалитет на Балкански Полуостров и пошироко во Европа, а веројатно и во светот.

Reportaza82-markovi-kuli-4

Кога ќе тргнете на Маркови Кули, независно од која страна да одите: од кај манастирот „Архангел Михаил“, од населбата Варош или од кај карпата што е наречена Слонот, ќе ви биде потребно да ги активирате сите сетила: остриот слух, чекорот и очите широко отворени, за да ја чуете, видите, почувствувате и доживеете цивилизациската, културната и историската приказна што ја раскажува сѐ околу вас: карпите, дрвјата, тревата.

Reportaza82-markovi-kuli-3

Карпата во вид на слон претендира да биде заштитена од УНЕСКО

Исто така, на локалитетот Маркови Кули се наоѓа и Слонот, кој на некои им личел и на штрк, кој е составен од две природно споени карпи. Слонот е висок осум метри и од него Прилеп се гледа како на дланка. Постојат и повеќе верувања дека Слонот се користел и во религиозни обреди на предците, а показатели за тоа се околните гробови и видливите остатоци од фрескоживописот, кој е сериозно оштетен. Марковите Кули и населбата Варош со 77 цркви, заедно со природните раритети, се недоволно покажани природни дарови и артефакти со предиспозиција за туристичка дестинација.

Камената фигура во облик на слон во подножјето на Маркови Кули е една од најатрактивните во низата карпести природни реткости на комплексот заштитен од државата и претендира да биде заштитена и од УНЕСКО. Висока е повеќе од осум и широка околу пет метри.

Reportaza82-markovi-kuli-2

Прилеп и Маркови Кули се две истории, нераскинливо поврзани и испреплетени една со друга. Тие живеат, постојат и значат заемно и недвојбено. Да го нема Прилеп ќе нема кој да ја раскажува историјата и магијата на древниот рид. Ќе нема кој да ги оживува одново и одново јуначките песни, приказни, легенди и митови за култовите и гласот на древноста, кои извираат и гласно шепотат од карпестиот горделивец, кој будно бдее над градот како вечен чувар на неговиот мир. Прилеп секогаш претставувал упориште на македонските владетели. Тоа е град што е посветен на својата култура и традиција, на своите легенди и херои. Во тврдината се откриени остатоци што укажуваат на постоење раноантичка населба – Керамија. Во римскиот период, оваа мала селска населба се проширила во југозападното подрачје, за што сведочат пронајдените мермерни украси од една ранохристијанска базилика. Населбата била сместена јужно од акрополата, на околу 3,6 хектари. На нејзиниот северен ѕид до денес стои двојна порта, како и голема стражарска куќа, поставена меѓу влезовите. На јужниот ѕид стојат добро сочувани три кули. Неколку слаби извори на вода овозможувале живот на врвот во ограничен обем. Падините на ридот се стрмни, покриени со огромни гранитни карпи. Едно широко рамно седло на средината на врвот овозможувало тука да се развие населба. Со долгогодишните ископувања, од 1959 година, па речиси непрекинато до денес, откриени се траги од предисториска населба. Тогаш биле изградени цврсти ѕидини со малтер. Ѕидините што денес се гледаат потекнува од 13 и главно од 14 век. Добро се зачувани.

 

Reportaza82-markovi-kuli-7

Ѕидовите се широки од еден до 1,3 метар и се градени со послаб варовен малтер. Тие се максимално вклопени во релјефот. Се потпираат на големи карпи и ја користат секоја природна пречка. Поради тоа линијата на ѕидините многу се извива и наместа е целосно искината.

Маркови Кули ги инспирирале нордиските воини

Следејќи ги трагите што зад себе ги оставиле викинзите, шведските археолози стасаа до Маркови Кули кај Прилеп. Проучувајќи ги врските од времето на викинзите со Византија, екипа на Археолошката истражувачка лабораторија при Универзитетот во Стокхолм неколку недели ја истражуваше познатата тврдина во Македонија, поаѓајќи од научнопотврдените сознанија за присуството на нордиските воини во овие краишта во периодот на Источноримското Царство. Шведските археолози во Македонија проучуваа делови од Маркови Кули, кои се изградени во истиот историски период како и некои викиншки тврдини во Скандинавија. Хипотезата е дека тогашните шведски војници се инспирирале од византиската градителска уметност и ги пренеле идеите во нордискиот регион.

Шведскиот дневен весник „Свенска дагбладет” пишува дека во една шведска тврдина во Бирка се пронајдени византиски метални пари, оружје и други предмети донесени од јужните делови на Европа. На местото каде што се наоѓаат Маркови Кули кај Прилеп, како што се истакнува, била изградена тврдина уште во времето на Александар Македонски, која подоцна била доградувана во разни историски периоди, така што денес претставува една од најголемите тврдини во Македонија.

– Направивме ископувања на приближно 50 квадратни метри кај Маркови Кули и пронајдовме мошне интересни сличности со тврдината Бирка. Меѓу другото, градбите се организирани приближно на ист начин и покрај тоа што Маркови Кули се многу поголеми – нагласи лекторот од Археолошкиот институт во Стокхолм, Лена Холмквист Олаусон, посочувајќи дека и двете градби се затворени тврдини во кои биле стационирани и војници.

Просторот на Маркови Кули во целина го сочинуваат поголем број импозантни грамади поврзани во две паралелни низи, чијашто надморска висина постепено се зголемува од југ кон север. Двете низи грамади во северниот дел се сврзани со највисоките врвови: Златоврв (1.422 м) и Липа (1.392 м). Низ целиот овој масив се истакнуваат најразновидни форми во вид на врвови и остени, столбови и запци, печурки, плочи, топки, пештерски и котлести длабнатини. Природните структури на карпите, потекнуваат од времето на консолидација на магмата, која ладејќи се лачела сфероидни и паралелопипедни блокови.

Reportaza82-markovi-kuli-6

„Крали Марко ултрамаратон“од 2012 година влезе во светскиот тренд на таков вид трки

„Крали Марко ултрамаратонско трчање“ (Krali Marko Ultra Trail) е нова трка во Македонија која од 2012 година влегува во светскиот тренд на таков вид трки кај нас. Се одвива низ падините и планините околу градот Прилеп, со должина од околу 60 километри. Целиот концепт е многу поинаков од класичните маратони и, главно, се одвива на планински терени каде што се искачуваат високи надморски висини, стрмен терен и за таков вид трка е потребна многу голема психофизичка подготовка. Должините на тие ултрамаратонски трки се сметаат за врвот во спортот поради нивната должина, која достига до дури цели 170 километри.

Приказната за кралот Марко, според која ова кале го носи името, е главно обележје. Поради сите овие аспекти овој комплекс има огромно значење за развој на туризмот, па локалната самоуправа во Прилеп вложува напори да го адаптира ова кале и да го уреди за да привлече што поголем број туристи од земјава и од странство.

– Прилеп е убав град. Луѓето се го­сто­љубиви. Се дружат, комуницираат со гости, велат Стив, Дејв и Џони од Манчестер, Англија, кои две недели беа гости на свои колеги во Прилеп. Ги одушевиле градот и околината.

– Марковите Кули се фантастични. Пленат со спецификата. Впечатоци ќе носиме и од манастирите во Дрен и во Смолани. Го засакавме Прилеп. Можеби пак ќе дојдеме – рекоа Англичаните.

Reportaza82-markovi-kuli-5

На Маркови Кули се снимени „Пред дождот“, „Збогум на 20 век“ и „Прашина“

Маркови Кули се голема инспирација за многу режисери, кои барале соодветна локација за своите дела. Па така на Маркови Кули се снимени и филмовите „Пред дождот“, во режија на Милчо Манчевски, „Збогум на 20 век“ од Дарко Митревски и Александар Поповски и „Прашина“ на Милчо Манчевски.

Освен инспирација, Марковите Кули нудат и можност за културни манифестации и за спортување. На локалитетот Камена Баба на Маркови Кули беше одржан меѓународниот маратон во искачување по карпи, на кој учествуваа преку 100 вљубеници во овој спорт од Македонија, Франција, Словенија, Хрватска, Полска, Бугарија, Грација, Албанија и Русија, а поетското Маркукуле секоја година зазема сѐ поголем замав со сѐ повеќе учесници.

Kарпите што го сочинуваат ова ка­ле се вистинско ремек-дело на при­родата,ниту вајар виртуоз не би можел да ги изваја прекрасните, грандиозни карпи во различни форми, лоцирани на височинки и мали платоа, па чиниш во секој момент можат да се придвижат. И калето и околината дишат во свој дух раскажувајќи ја приказната низ времињата. По смртта на кралот Марко, во 1395 година, оваа населба била заземена од турската стража, поради што животот во неа згаснал во целост. Според некои историски наоди, оваа тврдина до втората половина на 13 век и подоцна ја бранеле само 40 војници. Жителите на некогашната населба побарале засолниште во блиската околија. Така, во подножјето на Маркови Кули се развила населба со разретчена структура, поделена во неколку маала, секое со своја црква. Оваа нова населба од 14 век го добила името Варош, под кое постои и денес.

А за тоа како Прилеп го добил името постојат две преданија. Едното вели дека кога луѓето почнале да се населуваат во подножјето на Маркови Кули, ги лепеле своите куќи до кулите и потоа се оформила прво населба, а потоа и град, кој бил наречен Прилеп. Второто предание, пак, вели дека луѓето што се населиле овде правеле многу леб, па местото се прочуло како прилебно место (место каде што се прави леб), додека, според Блаже Конески, кој е роден во прилепското село Небрегово, Прилеп го добил името од личните имиња Прилепка и Прилепа.

(Пишува: Невена Поповска
Текст објавен во 82. број на неделникот „Република“, 28.03.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top