| четврток, 6 декември 2018 |

Додовска: Пендаровски го пресликува ликот и делото на Бранко Црвенковски

dodovska_web

Политикологот Иванка Додовска, професор на Правен факултет, во интервју за Курир вели дека Стево Пендаровски има еден момент во којшто го пресликува однесувањето, ликот и делото на Бранко Црвенковски.

– Стево Пендаровски дојде исто така од академските кругови. Од она што јас сум запознаена, знам дека беше еден период во кабинетот на покојниот претседател Борис Трајковски. Понатаму продолжи во Државната изборна комисија. Мислам дека тој е најзаслужниот што Бранко Црвенковски стана претседател на Република Македонија во 2004 година, бидејќи практично стави рака на еден куп, не се сеќавам точно на бројката, таканаречени поништени гласачки ливчиња на претседателските избори во 2004 година, а направи и други чекори кои беа во полза на кандидатурата на Бранко Црвенковски. Стево Пендаровски е интелектуалец. Тој е образован човек. Човек кој доаѓа од фелата на општествено-хуманистичките науки. Колку што знам, тој е професор на социологија, доктор на социологија. Она што е интересно за него во однос на неговиот професионален педагошки ангажман не би можеле да дискутираме, но она што сум го кажала како јавна личност за него е тоа дека тој е човек кој е најлошата варијанта што можеше СДСМ да ја избере, дури и полоша од она што претходно имавме како понуда. Од кој аспект? Од аспект што тој човек не осеќа никаква конекција со народот во Република Македонија. Првиот впечаток на кој било аналитичар што од страна без никаква предрасуда би погледнал, ќе ви го каже истото. Тој не е дел од народот, не кореспондира со ликот, не го претставува ликот на она што би требало да биде. Што прави Стево Пендаровски од она што го видовме? Прво, покажа еден неконзистентен став во однос на прашањето за името на Република Македонија. Остави простор да се шпекулира и секогаш да биде ставен под знак прашање неговиот легитимитет за кандидат на Социјалдемократскиот сојуз, бидејќи ја избегна можноста со собирање на потписите, минимум 10.000 потписи за една кандидатура. Тој ја избегна таа варијанта и отиде на сигурни, режирани 30 пратенички гласа кои го поддржаа како единствен кандидат на опозицијата. Понатаму, Стево Пендаровски има еден момент во којшто го пресликува однесувањето, ликот и делото на Бранко Црвенковски. Не може да го избегне тој момент. Тоа се пречките кои ќе му бидат понатаму… За десетина дена ќе го имаме првиот круг на претседателските избори и самите бројки ќе покажат колку погрешни чекори направи во однос на некои стратешки работи кои се употребуваат во однос на претставувањето пред граѓаните, бидејќи на крај, власта и мандатот ќе го добијат од граѓаните на Република Македонија, а не од партиската врхушка или елитните кругови со коишто седат, туку од оние коишто очекуваат нешто да се случи во корист на македонскиот народ, македонското претставување, на македонската интеграција во Европската унија и така натаму. Тоа овде го немаме. Овде имаме една ароганција, чувство дека не постои вистински жив контакт меѓу граѓаните и професорот Стево Пендаровски, што мислам дека ќе бидат главните пунктови каде што ќе паѓа неговиот рејтинг понатаму – вели таа.

Курир: Се распишаа и предвремени парламентарни избори откако ВМРО-ДПМНЕ ја прифати фрлената ракавица од ДУИ.

Додовска: Според мое лично мислење, коалицијата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ е неприродна. Идеолошки неприродна. Во практиката се покажа дека во политиката сѐ е возможно, па и такви невозможни коалиции. Она што претставува досегашна соработка во рамките на коалиционата влада на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, сметам дека е голема заслуга на напорите на Никола Груевски и на Али Ахмети како лидер на ДУИ бидејќи тие двајца се најодговорни во однос на тоа дали ќе се одвиваат работите во најдобар ред. Она што сигурно го договориле, моја претпоставка, е дека ќе мора работите да течат и ресорите да се развиваат без никакви препреки во однос на она што е другата страна на политичките и идеолошките разлики. Има една единствена причина поради којашто настана сериозна криза во рамките на оваа коалиција, а тоа е самото најавување на претседателските избори. Како што се сеќаваме сите, ДУИ одненадеж излезе и побара да се поддржи идејата на консезуален кандидат за претседател. Она што остави впечаток и во јавноста и во сите политички опции беше третирано горе-долу на ист начин, беше нејасно што значи тој консезуален кандидат, понатаму ДУИ не кажа за кого мисли, кој е тој за кого што тие сметаат дека треба да биде консезуален кандидат за претседател. Трето, ДУИ жестоко го нападна актуелниот претседател на Република Македонија, професорот Ѓорге Иванов, но не даде никаков аргумент зошто го напаѓа. Тие едноставно рекоа „Ние нема да го поддржиме“, но не кажаа зошто. Со тоа се отвори причината поради која почна да се дискутира дека е можно да се случат предвремените парламентарни избори. Од она што јас го следев во целиот период, можам со двете раце да ви потврдам дека на почетокот таа идеја за распишување предвремени избори не беше многу сериозно третирана бидејќи постојат развојни проекти коишто течат и сѐ уште се во фаза на развивање, мислам дека власта сакаше уште со неколку проекти додека се фати рокот пред следните парламентарни избори во 2015 година. Но, ситуацијата ескалираше кога ДУИ силно притисна, кога шпекулираа, а може и потајно кажуваа за кого мислат дека сметаат дека е најдобар и мислам дека таквиот став, таквата реторика ги надмина оние што се трпеливи граници во вмровскиот блок бидејќи тоа на некој начин беше изнудување на послабиот во однос на посилниот. Не е возможно да му наметнете на некого со сила група од 30 луѓе, како што зборувавме и за Стево Пендаровски, тоа е истата метода. Не можете да наметнете нешто само затоа што вам така ви чини или на 30 души околу вас. Има многу поголем број луѓе на коишто им го должите своето место, својата позиција и кои имаат поинакво размислување.  А тоа мислам дека претседателот Иванов еднаш го елаборираше некаде во медиумите кога рече: „Можеби со Охридскиот договор станавме жртва на концепцијата којашто требаше да гради мултинационална, т.е. бинационална држава“. Бидејќи така се продолжи теркот и Албанците продолжија со барањата во другите нивоа со коишто оставија простор да стравуваат и останатите во Македонија дека можеби ќе се случи и друг тектонски потрес сличен на тој од 2001 година. Она што се остави во Уставот и со измените кои уследија на Уставот по Охридскиот рамковен договор, тоа е претседателската функција иако со послаби извршни овластувања, иако со подруг тип на репрезентативна улога, претставува симбол и  столб на унитарноста на Република Македонија. И додека имаме претседател како Ѓорге Иванов, додека Македонија ја разбира улогата и значењето на унитарноста, на оној што има навистина мнозинско избирачко тело кое легитимно го избира, го доставува на таа висока позиција, не можете да очекувате ништо друго освен премиерот да ја прифати фрлената ракавица и да ги распише предвремените парламентарни избори.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top