| четврток, 6 декември 2018 |

Богови на допир

galijana-184x168

Колумнист:
Будимка Поповска
(сестра Макрина)

Мит или вистина? Ако му се верува на Њу ејџ, во „Алоха“ државата, на Хаваи, оние островите во Тихи Океан, дошол еден лекар (психијатар) на волонтирање во локалната лудница. Откако се запознал со не многу познатата островска шаманка и откако таа му ги кажала основните правила на традиционалното народно лечење, лекаров направил комбинација од нејзините упатства и главните начела на христијанската етика, и таа комбинација ја нарекол „хоопонопоно“. Најкратката формула на оваа доктрина се содржи во зборовите – „Те сакам, прости ми, ти благодарам“.

Лекарот постојано ја повторувал оваа фраза во себеси, движејќи се меѓу болните.

За кратко време, болницата била речиси испразнета од пациенти.

Хоопонопоно, пред сè, се однесува на свесноста за тоа што си и кој си. Значи, не контекстот. Се тргнува од суштината, којашто е божествена. И една жаба, кога би ја имала свесноста за тоа дека е жаба, би можела да практикува хо-опоно-поно… и да си остане среќна во својата судбина на жаба, без мачната обврска да станува принц, односно да го чека бакнежот.

Аутернет – интернет за по надвор

Ајти технологијата, исто така, го овозможува боговското чувство и тоа, верувале или не, преку игрите од една, и интернетот – од друга страна. Се разбира, не е доволно само да ја имате машината. Треба да знаете да ракувате со неа. И тоа, игрите преку активирање на опцијата „фантазија = сè е можно“, и исклучување на фреквенцијата на мозокот, односно опцијата „биди реален, речиси е невозможно“ (тоа што кај детето природно се случува до некоја возраст). Конечно, игрите, интернетот, забавата, компјутерите и вмреженоста полека, но сигурно прават луѓето да се целосно зависни од информациите што можат во секое време да ги најдат на интернет.

Аутернетот е последниот збор на техниката, што овозможува поврзаност во секое делче на човековото постоење – на улица, во продавница, во галерија, на патување, на аеродром, во хотел, во бурекчилница. Нели, секој дел од реалноста постои само додека го набљудуваме.

Да не го вклучиш компјутерот е исто како да влезеш во храм, да запалиш свеќа само за да ја задоволиш формата. Да поседиш неколку минути, и да излезеш без да ти се активира ниту една од жлездите на ендокриниот систем, во најмала рака тимусната.

Неисе

Со неограничениот фонд информации, како и едноставниот пристап, мрежата направи огромен скок напред во развојот на човековата свест во разни области. Екологијата. Медицината. Уметноста. Политиката. Историјата.

Урна многу митови.

Митот за непријателот

Овој мит е фундамент на кој се темели големата виртуелна реалност на егото, самото его. Раскринкување на митот за непријателот е главното оружје со кое можат да се побијат сите теории што се обидуваат да го оправдаат постоењето на војните.

Но, тоа само од аспект на вообичаената конструкција на стварноста на која сме навикнати. Затоа ваквиот тип на упатства многу лесно можат да бидат несфатени и отфрлени како лековерни или засновани на лесноумност. За да бидат поштедени од камшикот на сомневањето, и потценувањето, тие се кријат во пештери, во манастири, на врвови на планини, во катакомби и слично. И стануваат достапни само на оние што преку низа тестови, како што да речеме, се прави во каратето или некоја друга борачка вештина, ќе се удостојат да дојдат до нив.

Најпрво се вежба само раката, па само ногата, па после раката и ногата заедно, за на крај да може сето тоа да се изведе само со едно трепкање. На очите.

Но, каква е користа од таквата светост, или мудрост, ако таа се држи скриена на крајот од светот, далеку од очите на обичните смртници, налик на бисер заштитен од погледот на свињите?

Имено, мудроста е единствениот начин со успех да се излезе од политичката криза во која светов во континуитет запаѓа. Лесно е да се увиди тоа ако се читне барем дел од поновата историја на современиот свет, ваков како што го познаваме. Впрочем, доволно е само подлабоко да се вдише воздухот во кој и да е поголем град на планетава – неговата загаденост со тешки метали е мал потсетник за забревтаната локомотива на воената индустрија којашто неуморно си брчи на периферијата, во таканаречените индустриски предградија. На готовс во случај да затреба. А затребува постојано.

За народите, „непријателот“ лежи скриен во другите народи, за државата во другите држави, за поединецот – во другите единки.

Што е полесно – да се сака непријателот или да се срамни со земја? Да се фрли атомска бомба или да се љуби?

Во зависност од сиромаштијата, во зависност од воените магацини и борбената подготвеност, во зависност од историските алијанси и политичките контексти – човекот ја злоупотребува агресијата и си игра со чувството на моќ што го исполнува кога ќе го уништи послабиот од себеси – заборавајќи дека нема поголема вистина од таа дека непријателот само со љубов може да се победи, и дека ако на злото се одговори со зло, тоа станува уште поголемо.

Според Ганди, најголемата моќ на човештвото лежи во ненасилството…

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top