Македонија има право да се именува како што сака и нема дилема дека името Македонија е право на земјата оти и Грција и Македонија имаат античка историја. Жалам што одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг во случајот со Македонија не најде одглас во одлуките на челниците на земјите од Европската унија и НАТО и државата сѐ уште не е членка на овие меѓународни ентитети.
Ова го вели Ханс Кушлер, професор на Универзитетот во Инсбрук, Австрија и претседател на Меѓународната организација за напредок, во интервју за Програмата „Гласот на народот“.
Во таа смисла, за проектот „Скопје 2014“, од кој вели дека е импресиониран, смета дека е важен за цела Европа бидејќи ја промовира културната разновидост и го негува античкото наследство.
Австрискиот угледен професор Кушлер вели дека добро се познава со претседателот Ѓорге Иванов за кого ја дава поддршката во напорите да го заштити идентитетот на државата. Како добар познавач на актуелната политичко-економска констелација на Балканот, Кушлер тврди дека Владата на чело со Никола Груевски спроведува добри економски и политички одлуки.
– Го запознав претседателот Ѓорге Иванов на Форумот на Обединети нации, Алијанса на цивилизации, што се одржа во Доха во декември 2011 година. Во текот на широката дебата за прашања од државната теорија, вклучувајќи ја и националноста и државјанството и главните елементи на културниот идентитет во контекст на сегашниот европски и светски поредок, сфатив дека станува збор за брилијантен аналитичар на политичките и на меѓународните односи. Особено во овој момент и овој дел од историјата на Европа. И во овој транзитен период на светскиот поредок од еднополарност кон мултиполарност, Македонија мора да има државник како претседателот Иванов. Тој е со реноме и карактер да ја разбере комплексноста и поврзаноста на националните и на меѓународните политики, и е човек кој може да ѝ ги објасни основите на македонскиот идентитет на меѓународната заедница на рационален и на убедлив начин – дециден е Кушлер.
Според него, и актуелната владејачка гарнитура е на добар пат кога станува збор за спроведените реформи, економските политики.
– Премиерот Груевски треба да се пофали за неговата политика за поддршка на мултикултурното и инклузивно европско општество, како и за тоа што постојано зборува во полза на етничката и културната коегзистенција, дома и во странство. Во овој поглед би сакал да потсетам за говор што го одржа во октомври 2010 година, во Советот на Европа, каде што апелираше до сите земји-членки да ја ратификуваат Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства. Културен, етнички и верски соживот е основен темел на политичките, социјалните и економските реформи што премиерот ги спроведува во Македонија. Тоа е во контекст на јасна и недвосмислена посветеност на културната разновидност и меѓукултурниот дијалог, кој Груевски го акцентира во смисла на правото на една држава на самоидентификација – вели Кушлер.
Тој тврди дека Македонија има право да се именува како што сака и жали што досега нема решение на спорот со Грција. Потсетува дека во полза на Македонија одлучи и Меѓународниот суд на правдата, но тоа немаше никакво влијание на меѓународните одлуки.
– Како суверена држава, Македонија, секако, има право да си дефинира име со кое земјата ќе биде именувана. Мора да се потсети дека голем дел од земјите-членки на Обединетите нации ја признаа земјата со уставното име „Република Македонија“ во спроведувањето на билатералните односи. Би било логично да се прифати оваа реалност и на меѓународно ниво, односно кога станува збор за мултилатерални прашања. Мора уште да се забележи дека Македонија веќе покажа флексибилност во спорот со Република Грција, кога се согласи да го смени државното знаме во 1995 година – вели австрискиот професор.
Што се однесува до прашањето за официјалното име во односите на Македонија со НАТО и со Европската унија и апликацијата на Македонија за членство во овие организации, вели, загрижен е и жали што овие ентитети не ја спроведуваат пресудата на Меѓународниот суд на правдата во Хаг.
Му се допаѓа проектот „Скопје 2014“, како што посочува, токму затоа што го одржува наследството.
– Во овој поглед, проектот „Скопје 2014“ е од посебна важност за цела Европа. Кога неодамна го посетив Скопје, првпат бев импресиониран од величествената историска архитектура во ценатрот на градот и од многуте споменици кои го визуализираат наследството. Класичните статуи на двата моста преку реката Вардар се ефективно дел од еден отворен музеј кој има посебна образовна вредност – за жителите и за посетителите – вели Кушлер.
Според него, и покрај историскиот аспект, овој тип архитектура го прави градот Скопје уникатно место во Европа.
– Планерите треба да бидат пофалени затоа што не копираат бездушен модернистички стил, кој е ист во целиот свет и нема ниту една естетска вредност. Во таа смисла, проектот „Скопје 2014“ навистина придонесува за културната разновидност. Тоа го прави градот место за кое посебен интерес имаат сите кои го ценат класичното образование и го разбираат античкото наследство – оценува професорот Ханс Кушлер за Програмата „Гласот на народот“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.