| четврток, 6 декември 2018 |

Алекс Душебаев за шпанските медиуми: Публиката во Македонија е прекрасна!

Ракометарот на Вардар Алекс Душебаев кој моментално се наоѓа на подготовки со селекцијата на Шпанија, во интервју за шпанските медиуми зборуваше за мечот со Хамбург, за тоа како се снаоѓа во Вардар и општо за животот во Македонија. Тој е вистински хит во шпанските медиум, посебно што се врати по повредата со фантастична партија во триумфот против Хамбург, објави порталот на РК „Металург“.

-Во Шпанија има погрешна слика за Македонија. Кога ќе отидете таму, всушност, е многу лесно да се адаптирате. Темпото на живот е многу слично на ова во Шпанија, луѓето сакаат да излегуваат, да одат на кафе. Единствен проблем во првите месеци ми беше јазикот, но сега се адаптирав целосно и сите ме третираат одлично, се пофали Душебаев и откри како функционира комуникацијата во екипата.

-Кога сме сите заедно зборуваме српски или македонски. Има играчи со кои зборувам руски,некои знаат и шпански, но кога сме во група, обично зборувам српски. Прво ми изгледаа тешки овие јазици, но рускиот многу ми помогна да научам, вели ракометарот, кој не заборави да го спомене ривалството меѓу Вардар и Металург.

-Дерби натпреварите со Металург се посебни за луѓето овде. Ривалството е силно и сето тоа претставува едно големо шоу. Еден од најатрактивните натпревари кои може да ги види рaкометниот свет. Публиката овде е неверојатна, тоа ми е едно од најубавите искуства. Салата е секогаш полна и играме во прекрасна атмосфера, изјави Душебаев кој потенцираше дека е среќен што е дел од екипа како што е Вардар.

-Сега сум среќен во Вардар, имам одличен третман. Кога ќе наближе датата на истекот на договорот ќе имам време да размислам. Сега сум среќен во Македонија, но јасно е дека секогаш треба да ги гледате сите опции. Сепак, засега не мислам на други клубови, уживам овде. Играм во силна екипа, во Лигата на шампионите и се надевам дека овде ќе созревам како играч, додаде 21-годишниот десен бек.

Душебаев беше стрелец на прекрасен гол на дуелот со Хамбург, а при ова интервју опиша и што се случувало во тој момент на теренот.

-Ги замолив моите играчи да бидат отворени, затоа што бевме под закана за пасивен напад, па во таква ситуација дури и за висок играч и добар шутер потребно е простор. Во тој момент забележав дека има празнина и добро е што излезе како што треба, заврши Душебаев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top